Во просторите на Уметничкиот павилјон во Загреб во тек е голема изложба на славниот француски скулптор Огист Роден. Поставката содржи седумдесет негови уметнички дела, вклучувајќи ги и ремек-делата како што се „Мислител“, „Бакнеж“, „Портите на пеколот“, „Бронзено доба“, „Човек кој оди“…
Се работи за „возвратна посета“, договорена после Фестивалот на хрватската култура во Франција – Croatie, la voici, кога пред три години во Музејот „Роден“, била поставена изложба на скулптури од Иван Мештровиќ.
Оваа година Франција се претставува во Хрватска, на фестивалот Rendez-vous, а изложбата на Роден е еден од нејзините најголеми проекти. Освен во Загреб, оваа поставка во помал обем ќе биде поставена и во Сплит во галеријата „Мештровиќ“ со наслов „ Роденовата медитација во Сплит“.
Изложбата во Загреб ќе трае до 20 септември.