Вечерва во Галерија МКЦ со почеток во 20 часот, ќе биде отворена групна изложба на српските уметници Мирослав Живковиќ, Братислав Басиќ и Владимир Јанковиќ.
Авторите ќе се претстават со слики и цртежи работени последниве години.
Мирослав Живковиќ е роден 1972 година во Ниш – Србија. Завршил Факултет за уметности и постдиполомски студии во класата на професор Хилмије Чатовиќ во 1998 година. Имал 33 самостојни изложби. Работи на Факултетот за ликовни уметности во Ниш како вонреден професор за предметот вечерен акт. Член е на УЛУС.
Братислав Басиќ е роден 1962 година во Ниш – Србија, студирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Белград во класата на Војислав Тодоровиќ. Со дипломирањето во 1987 година станува и член на УЛУС, магистрирал 1990 година. Имал триесет самостојни изложби. Работи како вонреден професор на Факултетот за уметности во Ниш.
Владимир Јанковиќ е роден 1952 година во Алексинац – Србија, дипломирал на Факултетот за уметности, сликарски отсек во Белград 1987 година , 1981 дипломирал на постдипломски студии на истиот факултет. Член е на УЛУС од 1980, а од 2012-та е член на УЛУПУДС. Работи како вонреден професор на факултетот во Ниш, на сликарскиот отсек. Досега има остварено 42 самостојни изложби.