Вчера вечер во Музејот на град Скопје во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија беше отворена изложбата посветена на 25 добитници на архитектонската награда „Андреја Дамјанов“.
На изложбата беа претставени 25 архитекти – автори, членови на Архитектонската академија – АА при ААМ, односно секој од нив со по едно пано со куса биографија и фотографии од нивните реализирани објекти. Изложбата беше проследена и со каталог од истата.
На изложбата во чест на лауреатите, нивното архитектонско творештво и придонес за македонската современа архитектура, ААМ додели на секој лауреат или член на неговото потесно семејство во знак на почит и спомен на оваа изложба, табло со лауреатите.
Изложбата ја отвори претседателот на Асоцијација на архитектите на Македонија, Сања Раѓеновиќ Јовановиќ која изјави:
„Сум имала можност како претседател на ААМ да говорам на повеќе изложби, но морам да кажам дека оваа ми е најдрага. Затоа што оваа изложба претставува чиста архитектура, нема многу филозофија, докажување, дебатирање, спектакуларни слики со сензационалистички намери, раскажувања за тоа што е архитектура, има само чиста архитектура и ништо друго, а тоа е суштината“.
Според Раѓеновиќ Јовановиќ, изложбата претставува визуелно сведоштво за нивното остварено дело и творечка сила. Со своите архитектонски интерпретации на човековата и општествената стварност, тие создале еден висок критериум не само на практично, утилитарно ниво, туку и еден висок степен на уметничко остварување“.
„Секој од лауреатите оставил кај сите нас трага, создал слика, прва асоцијација воведувајќи ја архитектурата во теоријата, практиката, етиката и естетиката. Ја создале единствената архитектонска вистина – изградениот објект. Преку своите реализации докажале со практичен творечки ум, соработка на науката и уметноста како се создава архитектура со функција, содржина, композиција, форма, па и некој вид човечки идеал“, истакна претседателот на ААМ.
На присутните се обрати и архитектот Трајко Димитров, член на Архитектонската академија и добитник на наградата „Андреја Дамјанов“, кој како жив хроничар и современик на настаните од нашето поблиско минато, пред присутните истакна неколку битни показатели и факти, поврзани со доделувањето на ова, за наши услови неспорно вредно, ценето и посакувано признание. Така, меѓу останатото, Димитров навраќајќи се на историјата на наградата, кажа дека идејата за доделување на наградата што го носи името на Андреја Дамјанов е донесена во 1987 година од телата и органите на тогашната САМ (денешен ААМ), а дека прв пат наградата е врачена на покојниот академик Крум Томовски во 1989 година.
На крајот од своето обраќање, Димитров во однос на ликот и делото на Андреја Дамјанов истакна и неколку цели и активности кои треба да се преземат во наредниот период за да целосно се заокружи и сочува од заборав неговото творештво.
„Во Велес во соработка со градот, да се подигне монументален споменик на великанот , како врвно ликовно авторско дело. Со надлежни институции да се организира и реализира меѓународен симпозиум за ликот и делото на Андреја Дамјанов и да се подготви и отпечати богата монографија за неговото дело. А во соработка со телата и органите на Архитектонскиот факултет (УКИМ), да се отпочне постапка за прифаќање на името на ‘Андреја Дамјанов’, како составен дел на факултетот во јавното претставување, по угледот на бројни вакви решенија во нашето поблиско и подалечно опкружување“, заклучи Димитров.
Покровител на настанот е Министерството за култура на РМ.