Украина во неделата одбележа 29 години од најголемата цивилна нуклеарна катастрофа во Чернобил, на околу 100 километри од Киев. Украинскиот претседател Петро Порошенко денеска го посети Чернобил и им оддаде почит на жртвите. Порошенко се информираше за тековните работи за изградба на нов саркофаг за реакторот, кој по катастрофата контаминираше поголем дел од Европа, Украина, Белорусија и Русија.
Поради грешка во ракувањето и слабости во системот за безбедност на реакторот број четири во Чернобил, нуклеарна централа во Украина, се случи експлозија на 26 април 1986 година. Избувна пожар, а нуклеарното гориво гореше повеќе од десет дена, oслободувајќи радиоактивност еквивалентна на експлозија на најмалку 200 бомби фрлени врз Хирошима.
Во експлозијата на нуклеарниот реактор загинаа двајца работници, а следниот ден од ефектите на радијација уште 28 луѓе. Властите на тогашниот Советски Сојуз неколку дена ја криеја несреќата од остатокот од светот, се додека исклучително високо ниво на радиоактивност не беше измерено во Шведска. Последиците од катастрофата сè уште не се точно измерени и се закана за животната средина, а според проценките на научниците, не им се даде доволно внимание.