Во градбите во Македонија се вградуваат енергетски ефикасни материјали, но земјава е на самиот почеток на практикување на зелената градба, светски тренд со чие практикување се добива до 30-процентна заштеда на електрична енергија и вода.
Ова беше посочено на денешниот настан на тема „Енергетска ефикасност во градежништвото – зелена градба“, организиран од Сојузот на стопански комори (ССК), Македонскиот совет за зелена градба и Бизис центарот на Скопскиот плански регион. На настанот компаниите членки на ССК, пред се од градежниот сектор во соработка со општините од Скопскиот плански регион и надлежните институции дискутираа како заеднички да придонесат за поголема примена на зелената градба во градежништвото.
Извршниот директор на ССК, Митко Алексов рече дека зелената градба, односно енергетската ефикасност е светски тренд кој се практикува во земјите од Европската унија и во светот.
– Станува збор за подигнување на свеста како на компаниите, така и на граѓаните дека ваквата градба придонесува за заштита на животната средина, но и за намалување на трошоците. Иницијалната инвестиција за граѓаните е незначителна и се движи помеѓу 1 до 5 проценти според светските статистики се враќа уште во првата година од функционирањето на објектот, а понатаму користа е значителна и изнесува околу 30 проценти кај електричната енергија и 40 проценти кај водата на годишно ниво. Сметаме дека овој тренд ќе се имплементира и во Македонија, рече Алексов.
Претседателот на Македонскиот совет за зелени градби Сеад Кочан посочи дека целта на денешната средба е да ортвори јавна дебата за делот на еколошките енергетски ефикасни градби и користењето на градежни материјали од природно потекло кои влијаат на зачувување на животната средина.