Објект кој бил магацин на Армијата на Република Македонија, со вкупна површина од 1450 квадратни метри, ќе биде реновиран и пренаменет во прв Центар за дизајн во Македонија. Лоциран е на улица „50-та дивизија“ во Скопје и досега беше под надлежност на Министерството за одбрана, а со одлука на Владата му е даден под наем на Здружението „Јавна соба“ од Скопје за период од 20 години.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски му го предаде симболично клучот од објектот на Александар Велиновски од „Јавна соба“ во присуство на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Таа истакна дека Центарот за дизајн во Република Македонија или Дизајн прототип центар – Јавна соба ќе биде единствен од својот вид на Балканот, чија цел е да го подигне и да го артикулира работењето на секторот за дизајн во Македонија и во регионот.
Центарот е дел од проектот Креативни индустрии, кој во изминатите години се покажува како исклучително продуктивна и профитабилна област. За да го поттикне креативниот сектор, Министерството за култура од 2013 година објавува годишни конкурси за финансирање проекти во областа на креативните индустрии и досега се одобрени вкупно 149 проекти.
Реновирањето и преадаптацијата се планира да завршат до септември. Предвидено е да има студија во кои ќе работат младите дизајнери, работилници за метал и дрво, тапетарска и макетарска работилница.
Александар Велиновски од „Јавна соба“ рече дека новата институција ќе биде значајна и за дизајнерите и за бизнис-секторот.
– Целта на Центарот е да ја зајакне таа врска, која не функционира доволно добро во Македонија, во регионот, па и пошироко. Да не биде присилувана со додатоци од фондови и финансиски инјекции, туку вистинска, органска врска меѓу нив. Бизнис-секторот, преку креативноста на младите дизајнери, ќе го унапреди своето работење, а, од друга страна, дизајнерите ќе постигнат самостојност во работењето – рече Велиновски.
Во Центарот за дизајн ќе се реализираат активности и со средства што Балканската дизајн мрежа ги доби од програмата на Европската Унија „Креативна Европа“. Мрежата беше основана минатата година од „Јавна соба“, организацијата „Миксер“ од Белград и Хрватското дизајнерско друштво од Загреб.