Вила Бардини е италијанска ренесансна градина, која можеби не е најпознатата вила во Фиренца, барем не во рангот на Вила Баболи, но претставува едно од најтивките и најромантичните места во градот, пред сè поради статусот што го има стекнато во минатото.
Историјата на оваа вила започнува кон крајот на XVI век, кога фамилијата Моци решава да изгради дом на левиот брег од реката Арно. Модерниот изглед, за тоа време, на градината е дело на антикварот Стефано Бардини, кој го купува имотот во 1913, а во 1922 година неговото дело го продолжува неговиот син Хуго Бардини.
Во тој период целото окружување на вилата претставува вистинско хортикултурно ремек-дело. По смртта на Хуго Бардини градината повеќе од 25 години е напуштена, а правата за нејзино стопанисување од неодамна се во рацете на градските власти, кои се трудат да го вратат нејзиниот препознатлив сјај кој ја красел во минатото.
Градината од три страни е обиколена со голем средновековен ѕид, додека од четвртата страна се наоѓа стрмниот брег на реката Арно, од каде може да се доживее одличен панорамски поглед на Фиренца и нејзината околина.
Пространите тревници каскадно подигнати на стрмниот терен, го даваат основниот фон на целиот пејзаж. Скалите што датираат од XVIII век, се поставени по средината и на тревните површини, а од страните има насадено голем број на ружи и перуники кои служат како цветни бордури.
Движејќи се кон горниот дел од дворецот, се стигнува до прекрасен тунел од вистерија, која со своите гроздести бело-виолетови цветови виси над конструкцијата и дава неповторлив поглед. По поминувањето на овој дел се стигнува до англиски парк. Во тој дел може да се сретнат делови од систем за вода, кој според податоците датира од XIX век.
Според визијата на Стефано Бардини, во еден дел од вилата била подигната овошна градина, со видови кои секоја сезона биле преполни со плодови. Пред да биде под капата на градските власти, дворецот од вилата не се одржувал, па поради тоа речиси сите овошки се исушиле. Денес на нивно место се засадени нови млади овошки, со што властите се стремат кон исполнување на желбата на Стефано за постоење на овошната градина.
Останатиот дел од вилата е во голема мера запуштен. Тука со текот на времето природата подивела. Голем број од растенијата што биле прецизно кроени веќе одамна ја немаат симетричната форма и големина. Во тој дел сега може да се видат само остатоци од патеките и статуите што ја краселе вилата во минатото.