Од денес, па до 26 април во Општина Центар ќе се спроведува кампањата за поддршка на референдумот за зачувување на автентичниот изглед на Трговскиот центар. Организирани граѓани и 17 невладини организации застанаа зад иницијативата „Го сакам ГТЦ“. Референдумот ќе се одржи на 26 април.
Синоќа, пред Трговскиот центар беше означен стартот на кампањата, под мотото „Излези за ГТЦ“, со собир на кој присуствуваа неколку стотици поддржувачи на кампањата. Музички групи, претставници на ААМ, архитекти и невладини активисти, секој на свој начин упатија повик до граѓаните за вклучување во кампањата, а присуствуваше и градоначалникот на општината Андреј Жерновски.
Заедничка нитка на нивните излагања беше дека станува збор за историски референдум, бидејќи е прв во општина Центар и во Скопје, кој ќе преставува прво слободно изразување на волјата на граѓаните за уредување на просторот и објектите.
Манифестацијата ја водеше познатиот новинар и филмски критичар Влатко Галевски, кој самиот бил сведок на изградбата, но и на сите содржини кои изминатите децении ги нудеше ГТЦ. Според него, „ваквиот ГТЦ не е носталгија, туку наше секојдневие, навика, место за прошетка и за средби со пријателите, но и центарска приказна која никој нема право да ја менува“.
Во името на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, говореше Сања Раѓеновиќ која порача дека за архитектурата треба да одлучуваат самите архитекти. Таа потсети дека идејното решение на Градскиот трговски центар е второнаградено на меѓународен конкурс и дека дури и денес, во 21-от век, е со актуелна и современа архитектура. Токму од тие причини таа ги повика граѓаните на 26 април да излезат и да гласаат за задржување на автентичниот изглед на ГТЦ, со што би покажале дека умеат да ценат и препознаат вистински квалитет.
На настанот се обрати и архитектката Милка Кировска, која истакна дека ГТЦ не смее да се затвори со врати, туку тој треба да остане како чаршија со провев од паркот кон реката. Според неа, „ГТЦ мора да се обнови и да се подобрат неговите технички перформанси, но фасадата мора да остане автентична, онаква каква што е сега“.
Пред присутните граѓани зборуваше и активистот Никола Писарев, кој низ емотивен говор нагласи дека ГТЦ нè научи сите што е љубов кон градот во кој си роден и во кој живееш, но и ни помогна да научиме како да ја искажеме таа љубов. Токму затоа, како што истакна Писарев, „сега е време да му возвратиме на ГТЦ, секој поединечно, со пенкалото во раце и кругче ЗА“.
Во музичкиот дел од овој настан настапија Ана Костовска и пијанистот Симон Киселички, кои ги забавуваа повозрасните граѓани со познатите рефрени на скопските евергрини, додека пак настапите на The John, Џака Накот и Bon Praskiza & Donplaya особено ја подигнаа атмосферата кај присутните граѓани од помладата генерација.
Од собирот беше упатен повик до сите заинтересирани граѓани да волонтираат и да учествуваат во бројните настани што следуваат во наредните 20-ина денови во ГТЦ. Сите оние што живеат на фреквентната улица, може да добијат платно „Го сакам ГТЦ” за својата тераса.
Граѓаните на општина Центар ќе имаат можност да гласаат на референдумот што е закажан на 26 април и да одговорат на прашањето: Дали сте за зачувување на автентичниот изглед на фасадата на ГТЦ? Референдумското изјаснување ќе трае од 7.00 часот наутро па се до 19.00 попладне, а право да гласа има секој жител на оваа скопска општина кој е впишан во избирачкиот список.