Барањето алтернативи за рускиот гас се врши со полна пареа. Притоа, шефовите на влади на западните држави открија нов партнер во Турција. Откако претседателите на Турција, Азербејџан и Грузија пред околу две недели го означија почетокот на 1.850 километри долгиот гасовод, сега погледот се врти кон Босфорот. Трансанадолскиот гасовод, ТАНАП, треба да чини над девет милијарди евра. Од 2018 година во Турција треба да стигнуваат 16 милијарди кубни метри гас годишно. Гасот стигнува од едно од најголемите наоѓалишта во светот, од Азербејџан. Во 2023 година низ гасоводот треба да стигнуваат 23 милијарди кубни метри гас, а три години подоцна се планирани 31 милијарда кубни метри гас.
ТАНАП треба да биде поврзан со Трансјадранскиот гасовод. На овој начин во 2020 година гасот ќе стигне и до ЕУ. „Сакаме Турција да ја направиме регионална енергетска крстосница“, истакна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Фактички, ТАНАП е шанса за ЕУ да стане понезависна од рускиот гас. Уште на 11 март, кратко пред официјалниот почеток на изградбата на ТАНАП, Европската комисија изрази желба да склучи енергетско-политичко партнерство со Турција.