Граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ денес ја најави широката граѓанска кампања за зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ, за кој граѓаните на општина Центар ќе одлучуваат на референдум на 26 април. Кампањата за обнова на ГТЦ официјално започнува од понеделник, на 6 април. Граѓанската кампања ќе биде обнова на ГТЦ, но со зачувување на неговиот автентичен изглед. За таа цел се повикуваат сите граѓани, граѓански асоцијации, активисти и професионални здруженија да се приклучат кон широкото граѓанско движење „ЗА ГТЦ“.
Претставничката на оваа иницијатива, Даница Павловска – Циги, изрази благодарност до Советот на општина Центар за донесената одлука да распише референдум за изгледот на ГТЦ. Истовремено, таа упати благодарност кон големиот број граѓански здруженија кои ја поддржаа оваа иницијатива, но и кон самите граѓани кои во изминатите две години учествуваа во активностите на иницијативата „Го сакам ГТЦ“ со цел да се зачува изгледот на овој објект кој е од големо културно, но и архитектонско значење за целиот град.
Според Павловска, референдумот ќе испише нова страница во историјата на македонската демократија, овозможувајќи им на самите граѓани да учествуваат во донесувањето одлуки од заеднички интерес. Таа го повика секој жител на општина Центар да го искористи своето право на глас и со тоа да придонесе кон развојот на демократијата во нашата држава. Исто така, таа нагласи дека и покрај тоа што останатите граѓани на Скопје и Македонија нема да бидат во можност да гласаат, тие сепак ќе можат значително да придонесат за успешноста на овој референдум. Во таа насока, Даница Павловска ги повикува сите граѓани, без разлика во која општина живеат, да помогнат со активно учество во нивните активности, но и преку информирање на своите познати и блиски кои имаат постојано жителство во општината Центар.
Иницијативата„Го сакам ГТЦ“ упати повик кон секој граѓанин кој сака да волонтира, помогне, или на каков било начин да придонесе кон зачувување на ГТЦ, слободно да се пријави во регистарот за волонтери, кој е поставен на Фејсбук страницата „Го сакам ГТЦ“.
Граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ презентираше и резултати од истражување на јавното мислење кое во изминатите денови било спроведено на територијата на општина Центар. Според овие резултати, 86,2% од граѓаните на Центар ја поддржуваат иницијативата „Го сакам ГТЦ“, а дури 32,5% во изминатите две години учествувале барем во една активност или кампања како што е гушкањето, потпишувањето петиција или протестирањето. Истражувањето, исто така, покажало дека дури 85% од граѓаните на Центар ја поддржуваат одлуката да се одржи референдум за изгледот на ГТЦ, додека пак 82,1% се согласуваат со ставот дека „ГТЦ треба да се реновира но со задржување на автентичниот изглед на фасадата.“