Археолозите кај Виена откриле скелет на камила од 17 век, соопшти Ветеринарниот факултет.
Ископани во 2006 година, во Тулн, во близина на Виена, коските најпрво му биле припишани на коњ или вол, вели археозоологот Алфред Галик, чија работа за тоа е објавена во американското списание за наука „Plos One“.
Со поблизок преглед утврден е формален доказ дека тоа е всушност камила, поточно хибрид од два вида камили, нагласува тој.
За потеклото на скелетот, истражувачот вели дека тој бил несомнено на животно кое се користело за работа, а го донеле Османлиите за време на опсадата на Виена во 1683 година.
„Тие животни биле посебно погодни за воена употреба“, изјавил Галик.
Коски на други камили од римско време се најдени ширум Европа, од Белгија до Србија.
Меѓутоа, виенскиот скелет за разлика од нив е комплетен, што е реткост, затоа што животните биле колени, а мeсото се печело и се јадело, вели истражувачот.