Гран при наградата на „Архитектура Скопје 2013„ отиде за фасадата на катната гаража на улицата Мито Хаџивасилев Јасмин и Јужниот булевар. Фасадата е дело на Милан Мијалковиќ од „ППАГ архитекти“ од Виена. Освен оваа награда на манифестацијата што веќе 14 години се одржува по повод денот на Градот – 13 Ноември, се доделија и уште три други. Во конкуренција на 27 архитектонски трудови од 13 автори, добитници беа и авторите Никола Велковски и Светлана Јончевска за станбено-деловен објект на улицата Владимир Назор број 26 кои се стекнаа со признание за посебен придонес во архитектурата на Град Скопје за оваа година.
Признанија добија и авторите Данчо Јовановски и Дана Јовановска за комерцијалниот објект „Оливер & Оливер“, инвестиција на Мега ДОО, Куманово, со година на реализација 2012-2013, како и авторите Ѓорѓи Мојсов, Елизабета Дурлевиќ и соработник Оливија Мојсова за Боними – станбено деловен објект, во изградба на фирмата „ГМС – Скопје“, чиј што инвеститор е „Луна корпорација’’.
Јовица Мијалковиќ, татко на Милан Мијалковиќ, добитник на Гран При, за фасадата на катната гаража на Мито Хаџивасилев Јасмин и Јужен булевар (не за целиот објект, туку само за фасадата) кој не можеше да присуствува поради обврските во Виена вели дека синот ја посакувал наградата и ја очекувал. „Иако живее во Виена, знаеше каква му е конкуренцијата, има контакти и ги следи движењата во Македонија. Поради тоа и учествува на конкурси за архитектура, но учествува и во донации. Неговото прво вклучување во скопската архитектура беше со неговата книга „Скопје, светско копиле“. Значи ова му беше трет или четврти обид да се пробие во градот во кој се родил“, вели Мијалковиќ . Тој го кажа и своето мислење за тоа дека беа поделени мислењата на граѓаните околу изгледот на објектот. „Лошо би било ако сите мислиме исто. Тогаш ќе немаме архитектура, туку само копии на нешто веќе видено. Кога е нешто дискутабилно, значи има свои вредности. Не се зборува така за секој објект. Штом има нешто да се каже, тоа е добро, додава Мијалковиќ нагласувајќи дека од сите коментари на крајот е вистината дека тој заслужено ја доби наградата.
И Никола Велковски, еден од наградените, не очекувал признание, но се надевал, знаејќи дека има добри објекти, како функција и како архитектонски израз. „Им благодарам на моите соработници и на учесниците во градбата кои што максимално ја почитуваа волјата на проектантот, како и на Комисијата што го препозна квалитетот што ние го испроектиравме на овој навистина мал објект, но кој што ете има свои архитектонски вредности, препознатливи и посовремени“, вели Велковски. На прашањето кои се специфичностите на објектот, со што тој ја одведе архитектурата во Скопје еден чекор понапред, Велковски дава свое образложение. „Придобивките се тоа што на еден многу мал простор успеавме да направиме објект со добра функција и еден посовремен естетски израз. Така, за тој дел од градот, делот на Старо Водно, каде што се` се постари објекти, ние се обидуваме да наметнеме еден стил на игра за посовремен третман на објектите таму, и мислам дека го постигнавме тоа“, додава Велковски.
Аљоша Шопар, помошник раководител на Секторот за планирање и уредување на просторот на Град Скопје истакна манифестацијата АСК претставува момент со кој се воспеваат архитектонските градски достигнувања како од историски аспект така и од ново време.
„АСК претставува точка на среќавање на архитектонските идеи, натпревар на проекти и дијалог меѓу визиите коишто го креираат лицето на Скопје, токму во чест на Денот на градот – 13 Ноември. АСК отвора можност на едно место да се сретнат архитектите и градители на Скопје, кои што успешно ги модифицираат своите архитектонски идеи, во нацрт планови, коишто пак реализирајќи се, го менувааат стилот на овој град, но секогаш следејќи ги патоказите што ги одредува современото живеење на ова наше Скопје“, истакна Шопар.