Германскиот архитект Ото Фрај, кој беше препознатлив по своите линиски мрежни структури, почина на 9 март на 89 години, само две недели пред официјалното прогласување како добитник на Прицкеровата награда, која требаше свечено да ја прими во Мајами, Флорида, САД, на 23 март.
„Лекцијата од неговата пионерска работа во полето на лесни конструкции кои се адаптибилни, променливи и со внимателно одбирани ресурси, се исто толку релевантни денес колку што биле и кога првпат биле употребени пред 60 години“, изјави жирито.
Препознатливиот „покрив“ на Олимпискиот стадион во Минхен, 1972 година
Претседателот на Прицкеровата награда и фондацијата „Хајат“, Том Прицкер изјави: „Нашето жири појасни дека според нив, кариерата на Ото Фрај е модел низ генерации на архитекти и неговото влијание ќе продолжи да се чувствува и понатаму“. Во целата оваа несреќна завршница, добрата работа е што Ото бил известен дека токму тој ја добил наградата, откако жирито го посетил неговиот дом кој се наоѓа близу Штутгарт.
„Мојот архитектонски порив беше насочен кон дизајнирање на нови типови на објекти наменети за сиромашни луѓе особено по природните непогоди и катастрофи“, изјавил Ото Фрај. „Што може да биде подобро за мене од добивањето на оваа награда? Ќе искористам сè што времето ми дозволува да продолжам да правам она што го правев досега, за да му помогнам на човештвото. Тука имате еден среќен човек“, констатирал Ото Фрај.
„Германска федерална градина“ во Келн, 1971 година
„Веста за неговото починување е многу тажна, вакво нешто не се случило во историјата на доделувањето на наградата“, изјави Прицкер. „Сите сме многу благодарни дека жирито му ја додели наградата додека сè уште беше жив“.
Оваа награда засега е една од најпрестижните во областа на архитектурата, па неретко успехот и признанието во архитектонскиот свет се поврзува со нејзините добитници, меѓу кои се Норман Фостер, Жак Херцог и Пјер де Мерон, Ханс Холеин, Петер Цумтор, Оскар Нимаер, Заха Хадид и многу други.
Јапонскиот павилјон за Хановер Експо 2000 во Германија
За тоа кој ќе ужива во престижот на наградата оваа година, првенствено беше одговорен архитектонскиот патрон и инвеститор Питер Палумбо, а потоа и целиот тим составен од чилеанскиот архитект Алехандро Аравена, австралискиот архитект и самиот добитник на Прицкерова награда во 2002 година Глен Меркат, британскиот архитект Ричард Роџерс, шпанскиот архитект Бенедета Талибу како и кинескиот архитект Јунг Хо Чанг.
Големите чадори на Федералната изложба во Келн, Германија, 1971 година
Во комисијата се најде и судијата од Врховниот суд на САД Стивен Брејер како и челичниот магнат Ратан Тата. „Времето не чека никого. Ако некој се сомнева во овој афоризам, вчерашната смрт на Ото Фрај, титанот на модерната архитектура, само неколку недели пред да наполни 90 години и само неколку недели пред примањето на Прицкеровата награда за архитектура во Мајами, претставува тажен и неверојатен пример на оваа вистина“, рече Палумбо.
Церемонијата на доделување на наградата сепак ќе се одржи во Мајами во Новиот светски центар, дизајниран од Френк Гери во 1989 година.
Ако сакаме подетално да ја проучиме генијалноста на овој човек, неизбежно е да навлеземе во неговата биографија. Роден во Зигмар, западна Германија, Ото Фрај пораснал во Берлин. Тој во слободното време се занимавал со дизајнирање на едрилици поради што бил фасциниран од нивните структурни сили на работа кога тенките мембрани ќе се оптегнат на сосема лесни рамки. За време на неговата служба како пилот во воздухопловните сили во Втора светска војна бил фатен близу Нирнберг, Германија. Таму поминал две години како затвореник близу градот Шартр, Франција, каде работел како архитект на кампот учејќи да гради разни видови на структури водејќи сметка за најоптимално искористување на материјалите. После војната Ото се вратил да студира архитектура на Техничкиот универзитет во Берлин, каде докторирал во областа на градежништвото во 1954 година.
Со јасна критика на објектите со тешки столбови нарачани од Третиот Рајх, работата на Ото Фрај се одликува со леснотија, демократија, ниска цена и привременост. После патувањето околу Обединетите Нации, каде се сретнал со работата на Френк Лојд Рајт, Еро Саринен, Лудвиг Мис ван де Рое и други, Ото Фрај станал независен архитект посветен на дизајнирање на лесни структури.
Мрежната школка употребена во „Манхајм Мултихале“ во Манхајм, Германија, 1975 година
Ото Фрај ја посветил неговата долгогодишна кариера во истражување, експериментирање и развивање најчувствителна архитектура која влијае на безброј други професионалци ширум светот. Лекцијата од неговата пионерска работа во областа на лесните конструкции кои се адаптибилни, променливи и направени со внимателно употребени ресурси, се исто толку релевантни како и кога биле направени пред речиси 60 години. Тој самиот претставува дефиниција за она што значи инвентор, пронаоѓач на форма, инженер, градител, учител, соработник, енвиронменталист, хуманист и креатор на неверојатни објекти и простори.
Мрежните конструкции кои биле употребни за Германскиот павилјон на Експо 67 во Монтреал, префабрикуван во Германија и поставен за краток временски период, било врвно достигнување во оригиналноста. Импресивните големи димензии на крововите дизајнирани за Олимписките игри во Минхен во 1972 год., претставуваат комбинација на светлина и цврстина кои многумина рекле дека е невозможно да се изведе. Овој проект бил направен во колаборација со Гинтер Бениш каде се надминале секакви очекувања, иако овие игри се многу засенети поради масакрот на 11 израелски натпреварувачи од страна на палестински терористи.
Пешачкиот мост „Мехтенберг“ кај Гелзенкирхен, Германија, 2003 година
Конструкциите како изложбената „Германска федерална градина“ како и на многу други настани во 50-тите години на минатиот век, се функционални, убави, лебдечки покриви кои изгледаат како без никаков напор да обезбедуваат засолниште, за потоа лесно да се демонтираат по завршувањето на настанот. Токму тој дава одговор, како пејзажната архитектура употребена за стадиони, базени и секакви други јавни простори, може да биде импресивна до ден-денес. Ото креирал така што, преку природата и процесите препознаени во нејзе, се обидувал да употребува што е можно помалку материјали и енергија во создавањето на затворените простори. Во неговите иновации применувал напредни идеи за одржлив развој уште пред светот да биде засегнат со таа тема. Тој се инспирирал од природните феномени, „од птичји черепи до сапунски меури и пајакови мрежи“, изјави британскиот архитект Ричард Роџерс, член на комисијата и претходен добитник на наградата. Ото зборувал за потребата да се сфати физичкиот, биолошки и технички процес кој доведува до креирање на објект.
Поддржувач бил на архитектонскиот концепт на разгранување од 1960 година, со кој се оптимизира структурата да поддржува огромни рамни кровови. Мрежната школка како што е употребена кај „Менхајм Мултихале“ во 1974, е пример како едноставно структурално решение, кое е лесно склопливо, може да претставува неверојатен флексибилен простор. Пешачкиот мост „Мехтенберг“ со употреба на тенки шипки, сврзувачки јазли и напредно знаење произведува филигрански патерн кој премостува распон од 30 метри. Конструкциите на Ото се во хармонија со природата и секогаш се стремел да прави повеќе со помалку.
Може да се каже дека сите објекти кои се поврзани со неговото име се дизајнирани во соработка со други професионалци. Тој честопати пристапувал кон формирање на тим за да се справи со комплексните архитектонски и структурни предизвици. Инвентивните резултати го потврдуваат колективниот напор на мултидисциплинарните тимови. Меѓу најпознатите соработки е онаа со Шигеру Бан (добитник на минатогодишната награда) на Јапонскиот павилјон за 2000 Хановер Експо во Германија, како и колаборацијата со Ролф Гутброд на Западноевропскиот павилјон во Монтреал Експо во 1967 година.
Во текот на неговиот живот, Ото Фрај продуцирал имагинативни, свежи невидени простори и конструкции. Но, не само објекти, тој креирал и знаење. Тука длабоко лежи неговиот стремеж формите да не бидат копирани, туку произлезени од патеките на неговите истражувања и откритија.
„Ото Фрај е еден од најзначајните архитекти и инженери на 20 век“, изјави Роџерс. „Неговата работа инспирираше и влијаеше на модерната архитектура, особено како да се направи повеќе со помалку, како да се сменат монументалните структури со економичност, светлина и воздух“.