Шеснаесет поранешни студенти на Факултетот за ликовна уметност (ФЛУ) во Скопје ќе се претстават со групна изложба утревечер, со почеток од 19 часот, во објектот на Педагошкиот факултет. Повод за ова е одбележување на 35-годишнината на ФЛУ.
Изложбата е насловена „4х4“ и со свои дела ќе учествувaат шеснаесет млади македонски автори, поранешни студенти на истиот факултет: Александар Зафировски, Теа Јовановска, Дарко Заревски, Душица Степаноска, Ана Јовановска, Ертунч Сали, Ивана Настески, Милан Костадиновски, Софија Грабуловска, Андреј Миновски, Дејан Спасовиќ, Уметничка група „ЅЕЕ”, Христина Стојчевска, Енвер Селими, Славчо Спировски и Методи Исков.
Факултетот за ликовни уметности, како членка на УКИМ, е формиран со oдлука на Собранието на поранешната Општа заедница за насочено образование, на 31 март 1980 година. Наставата за четиригодишните студии на ФЛУ се организира според системот европски кредит-трансфер систем (ЕКТС) на четири катедри: Сликарство, Вајарство, Графика и Ликовна педагогија. Покрај матичните стручни предмети, се изведува и насочена настава по реставрација и конзервација, графички дизајн и театарска, филмска и телевизиска сценографија. Од 1996 година, Факултетот организира и студии од втор циклус, постдипломски студии по областите: Сликарство, Вајарство и Графика. Од 2010 година се организираат студии и од областа на реставрација и конзервација на движни и недвижни артефакти. Практичниот дел од наставата денес функционира во три различни објекти во градот: во културно-историскиот споменик Сули-ан, лоциран во Старата скопска чаршија, потоа во дел од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ и во посебниот објект, Вајарски ателјеа, кој се наоѓа во дворот на Педагошкиот факултет.