Општина Аеродром започна изградба на нов парк од 2.319 метри квадратни спроти „Мајчин дом“ на аголот меѓу улицата „Васко Карангелевски“ и булеварот „Јане Сандански“. Денеска на отпочнувањето на градежните активности присуствуваше градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски.
„Со хортикултурно и партерно уредување на овој простор ќе се создаде пријатно место во него, како и карактеристично одбележување на пошироката околина“, истакна Коневски и додаде дека вредноста на оваа инвестиција е околу 30 милиони денари.
Според градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, Скопје станува сè позелен град, а општината Аеродром е на прво место која придонесува за тоа.
„Сметам дека овој парк придонесува за животната средина во градот Скопје, а од друг аспект граѓаните од општината ќе можат да имаат дополнителни содржини за рекреација и социјализација“, рече Трајановски.
Предвидено е паркот да има пешачки патеки, водни површини, езеро со фонтани и водопади, река и детско игралиште.