Домот на млади во Штип, повеќе од четири децении беше главно збиралиште на младите штипјани. Не постои генерација која не поминала низ него, а да не била дел од легендарните концерти, забави, журки, изложби и други манифестации, кои со години наназад се организираа во овој култен објект.
Историјата вели дека Домот на младите своевремено бил офицерски дом, изграден од војската во времето на кралска Југославија. Долго време тоа била неговата основна намена, но по Втората светска војна и формирањето на Штип како Општина, оваа локација и овој објект беа посветени на младите. Тука се организирале диско забави, џем-сешн свирки, разни дефилеа, промоции и слично.
Во втората половина на минатата година, почна реконструкција на овој објект, прва и најважна од неговото постоење. Финалето беше на празникот Четрсе, на првиот ден од пролетта, кога се собраа многу луѓе за да му покажат на Штип, што беше а што стана овој култен објект.
Повеќе од шест месеци, локалната самоуправа го реконструираше овој стар и култен објект со цел да го обнови и со самото тоа да овозможи младите повторно во него да најдат засолниште за многу нивни таленти и интереси:
„Ова е стара зграда која останала уште од времето на кралска Југославија и објектот како таков издржал децении. Но сепак, со оглед на тоа што немаше никакви инвестиции, општината презеде чекори да го обнови објектот, да го реконструира и со тоа да му се врати стариот сјај. Многу генерации поминаа низ него, а со оваа обнова даваме нова шанса на некои нови генерации, на наши деца да се едуцираат овде. Има простор и за музика, и за балет, и за етно, и за забави и за уметност, но најважно е што спасивме еден објект од тотално руинирање. Го уредивме и дворот, асфалтиравме пристапна улица и паркинг простор, а следен чекор е и обнова на големиот чадор на летната сцена и средување на надворешниот амбиент“, изјави Илчо Захариев, градоначалникот на Штип.
Инвестицијата во Домот на младите беше над 120.000 евра, од кои над 50.000 евра се обезбедени преку форумска сесија на Форумот на заедниците и Швајцарската Влада, а остатокот е инвестиција на локалната самоуправа.
Освен внатрешноста, следи уредување на надворешниот дел, односно големата дворна површина која со години беше место за летни диско забави и концерти на отворено на многу славни групи од бивша Југославија.