Јавното претпријатие за енергетски дејности „Струмица – гас“ новата градежна пролетна сезона ја почна со проширување на гасоводната мрежа во урбан блок 36, односно, во кругот на касарната. Директорот на претпријатието, Зоран Китанов, информираше за овој зафат, но и за тоа како ќе се шири гасоводната мрежа во општината до крајот на оваа година.
„Стартуваме од ова големо градилиште, кое според нашите увидувања би било место на кое ќе никнат доста нови станбени објекти, и ние како одговорно јавно претпријатие благовремено ги преземаме нашите активности за да во иднина нема потреба од дополнително копање. Моментално ја работиме оваа траса со должина од 800 метри, која ќе го опфати целиот потег на урбан блок 36 каде што има нови згради, а некои се во тек на градба и можам да ви кажам една убава вест, веќе една зграда уплати 82 приклучоци кои ќе бидат во функција за околу два до три месеци, а верувам дека и останатите ќе го следат тој пример. Овде приклучокот ќе почне од крстосницата „11 Октомври“ и ќе заврши со пресекот на новата улица што ќе се гради помеѓу зградите, што значи за во иднина ќе треба само една дополнителна цевка која ќе се мести до самите згради. По завршувањето на овој урбан блок имаме уште две фази на кои ќе работиме, тоа е урбаниот блок зад фабриката „Герас Цунев“ бидејќи таму има многу заинтересирани кои сакаат приклучоци на гас, потоа во улицата „Киро Абрашев“ која ја работевме минатата година, а сега ќе се заврши и ќе почнеме со реализација на еден нов проект“, изјави Китанов.
„Покрај тоа што Струмица е првиот град комплетно системски гасифициран, ние како Јавно претпријатие ќе се потрудиме заедно со општината во летниот период да ги доставиме и првите приклучоци до првите три села. Имено, нашите цевки завршуваат во непосредна близина на Добрејци, Дабиле и Куклиш, што значи ќе пуштиме цевки до влезовите во селата и потоа, според заинтересираноста на граѓаните од тие населени места, посебно на сопствениците на оранжериите и пластениците, ќе можеме да им дадеме услуга за користење на гас и во нив. Инаку, од пред неколку години во Струмица многу оџаци не ја загадуваат средината бидејќи веќе имаме инсталирано капацитет со околу 10 MW и сметајте дека за толку повеќе ќе била загадена Струмица. Ние досега имаме изградено 21 километар гасоводна мрежа, оваа година планираме да изградиме уште пет километри, што значи за 3-4 години Струмица би имала околу 40 километри гасоводна мрежа“, додаде Китанов.