Во Уметничката галерија во Велес, вечерва во 19.30 часот ќе биде отворена изложбата на македонскиот сликар Ибрахим Беди, во рамки на проектот “Кич, да!?/ сте или не/”.
Проектот, чија цел е презентација и промоција на ликовната уметност и доближување на публиката до врвните имиња не само од македонската, туку и од светската ликовна уметност веќе осма година по ред е поддржан од Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и Министерството за култура на Република Македонија.
Истата изложба била поставена лани во август во Македонскиот културен центар во Њујорк, како и во Кавадарци, Гостивар, Штип, Тетово и Куманово.
Ибрахим Беди е роден во 1959 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на одделот за скулптура во класата на проф. Петар Хаџи Бошков во 1985 година. Од 1985 – 1989 година бил член на групата „Зеро“.
Во 1991 година како стипендист престојувал на ФЛУ при Универзитетот „Мимар Синан“ во Истанбул, како и во ателјето на светски познатиот архитект Џенгис Бекташ.
Од 2002 година Беди е вработен на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на Вајарскиот оддел како доцент по предметите вајање, вајарски техники и цртање. Од учебната 2005/2006 година предава театарска, филмска и ТВ сценографија на Факултетот за драмски уметности во Скопје.