Амбасадата на Финска која се наоѓа во Вашингтон, САД, стана прв објект на амбасада во оваа земја кој добива платинест LEED сертификат. Финската амбасада во Вашингтон е изградена во 1994 година, а проектирана е од страна на финските архитекти Mikko Heikkinen и Markku Komonen. Опкружена е со шума, а поседува елегантен дизајн. Во првата деценија на 21 век, класичните светилки се заменети со енергетски ефикасни, а потоа се направени и сите други промени за приспособување на строгите LEED стандарди.
Агенцијата за заштита на животната средина, во 2008 година на финската амбасада ѝ додели „Енергетска ѕвездичка“ (Energy star), додека златниот LEED сертификат ѝ е доделен во 2010 година.
Златниот LEED сертификат амбасадата го добила за искористување на природната светлина и воведување на систем на слободно ладење, со што драстично е намалена потрошувачката на електрична енергија. Значителна заштеда на потрошувачката на вода се остварува со вградување на уреди за регулирање на потрошувачката. Освен тоа, се користат еколошки средства за чистење, а рециклирањето е главен приоритет. Исто така, персоналот во амбасадата се поттикнува да користи хибридни автомобили кои не ја загадуваат животната средина, да користи јавен превоз или да пешачи.
Со цел добивање на платинест LEED сертификат, финската амбасада уште повеќе ја намали потрошувачката на енергија, пред сè низ приспособување на системот за греење и ладење според работното време. Амбасадата произведува помалку отпад во споредба со претходниот период, а освен тоа се компостираат лисјата, тревата и гранчињата, и воведен е систем за собирање на дождовницата.
Со сите преземени мерки, потрошувачката на електрична енергија е намалена за 50%, споредено со средината на првата деценија на 21 век, додека потрошувачката на гас е намалена за 65%.
Платинестиот LEED сертификат на финската амбасада ѝ е доделен во почетокот на 2015 година кога по ресертификацијата добива 89 бодови.
Инаку, амбасадата на САД во Финска, исто така поседува LEED сертификат. Друг ваков пример во светот не е познат.
Да потсетиме, LEED (Leadership in Energy & Environmental Design) претставува програма за сертификација на згради, куќи и заедници. Постојат четири нивоа на сертификација, а бројот на бодови одредува во кое ниво ќе се класифицира објектот. Платинестиот LEED сертификат е највисокото ниво, и се доделува на објекти кои имаат 80 или повеќе бодови. Сертификацијата ја врши меѓународен систем за сертификација, а одлуката е транспарентна со оглед на фактот што сите податоци се јавно достапни.
LEED сертификати поседуваат над 18.000 објекти во САД, а ваква сертификација се применува во над 40 земји во светот.