Архитектот и пензиониран професор на Архитектонскиот факултет во Скопје, Михаил Токарев е овогодинешниот добитник на наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело за 2013 година. Наградата се доделува од страна на Асоцијацијата на архитектите на Македонија (ААМ), и таа секоја година се доделува за особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството. Во своето образложение, петчлената комисија што ја донесе одлуката ги истакна творечките придонеси како што се издавачкиот проект „100 години модерна архитектура“ во три тома, големиот број проект-елаборати од широката сфера на заштитата и ревитализација на недвижното културно наследство, учество со авторски текст во макропроектот на МАНУ „Историја на културата на Македонија“ (Архитектурата на почвата на Македонија од средината на 19 до крајот на 20 век), учество во бројни проекти од областа на проектирањето и урбанистичкото планирање и во голем број јавни и анонимни архитектонски урбанистички конкурси, серијата написи во списанието „Порта 3“. На наше задоволство, набројувањето на се она што го сработил Михаил Токарев и она што го остава како трајно сведоштво од областа на архитектурата е огромно, така што во голем дел може да послужи како убав пример и патоказ, соопшти ААМ. Годинашниот лауреат на престижната награда Асоцијацијата на архитектите на Македонија свечено ќе го промовира на 18 ноември во 19 часот во црквата Св. Богородица во Скопје.