Насловна / Вести / Граѓанскиот сектор чувар на биолошката разновидност на Дојранско Езеро

Граѓанскиот сектор чувар на биолошката разновидност на Дојранско Езеро

Dojran_Lake_14

Дојранското Езеро се соочи со една од најголемите еколошки катастрофи од поновата историја (кон крајот на 80-тите години од 20 век), што резултираше со масовно исчезнување на природните вредности од неговиот екосистем.

Причина за таквата состојба беше појавата на суши и неконтролираната експлоатација на езерските води за наводнување на крајбрежното обработливо земјиште, како и пренасочување на притоките што го полнат езерото за истите цели.
Свесна за штетите од настанатата катастрофа, во периодот 1999-2002 год. тогашната Влада презема активности за рехабилитација на езерото. За таа цел беше изграден хидро-системот „Ѓавато“ со цевковод во должина од 19,5 км, како техничка мерка за пренасочување на природните водотеци од Ѓавачко Поле кон Дојранско Езеро. Благодарение на оваа мерка езерото делумно се рехабилитираше, но сè уште е непознат степенот на остварена ревитализација.
Заради отсуството на редовен мониторинг (следење) на параметрите на животната средина (состојбата со растителните и животински видови и нивни живеалишта, како и статусот на водите во езерото), нема податоци за настанатите промени во бројот на строго заштитените, заштитени и ендемски претставници на микрофлората, зообентосот, мочуришната и водна вегетација, птиците и рибите, од нарушувањето на екосистемот па до денес.dojransko-ezero0

Освен обезбедената вода за прилив во езерото, на терен не се забележани други конзерваторски активности.
За сметка на идентификуваните недостатоци, како и фактот, што не се применуваат модели на добра практика за унапредување на состојбите во екосистемот (дали поради недостаток од усвоени плански документи и дефинирани зони на заштита за управување со Дојранското Езеро, или поради несоодветните капацитети на локалната администрација на општина Дојран, која е назначена како одговорен орган за управување со Споменикот на природата – Дојранско Езеро), Регионалниот центар за животна средина (РЕЦ) – Канцеларија во Македонија изработи проект за развивање на капацитетите на локалната самоуправа и сите засегнати страни во насока кон остварување на одржливост на Дојранското Езеро.
Проектот „Развивање на капацитети за одржливост на Дојранското Езеро“ се спроведува во рамки на CEPF грант програмата за критични екосистеми од Медитеранот. Фoндoт на партнерства за загрозени екосистеми (CEPF) е заедничка иницијатива на Француската развојна агенција, Conservation International, Европската Унија, Глобалниот еколошки фонд, Владата на Јапонија, Фондацијата MacArthur и Светска Банка, чија основна цел е обезбедување учество на граѓанскиот сектор во зачувувањето на биолошката разновидност.

dojransko_ezero_so_svojata_lekovita_kal_(10)

Дојранското Езеро како значајно подрачје за биолошката разновидност на Балканот се вбројува во групата на загрозени екосистеми за кои е обебзедена финансиската поддршка од CEPF програмата.
Поради фактот што иднината во управувањето со Дојранско Езеро зависи исклучително од поддршката на релевантните чинители, овој проект се фокусира на подигнување на свеста на клучните засегнати страни и заедницата воопшто, преку поттикнување на интензивна комуникација помеѓу нив. Тоа ќе придонесе сите релевантни чинители во општеството да дејствуваат како силен соработник на Општината во донесувањето на одлуки и процесите за изработка и усвојување на повеќегодишните Планови за управување со екосистемот и годишни програми за заштита и зачувување на природните вредности. Исто така, постои силна потреба за унапредување на знаењата и вештините на локалната администрација, главно поради ограничениот број на вработени и нивната професионална структура којашто не е поврзана со управувањето со води и природни ресурси.
Со реализацијата на проектот, Канцеларијата на РЕЦ во Македонија работи во насока кон здружување на претставниците на локалната самоуправа и релевантните чинители, со цел да комуницираат, дискутираат и работат заедно (преку реализација на работилници, тркалезни маси, студиска посета, дискусии, кампањи, настава во природа) за унапредување на интегрираното управување со води и природни ресурси во рамки на екосистемот Дојранско Езеро.
Корисник и партнер на проектот е општина Дојран која, меѓу другото, ќе се обучува за начинот на следење на квалитетот на водата и клучните биолошки параметри и препознавање на закани по езерото, при што ќе стекнува подготвителни знаења за идна изработка и спроведување на првиот повеќегодишен План за управување со споменикот на природата – Дојранско Езеро.

33767578

Исто така, локалната самоуправа ќе учествува во уредувањето на Музејот на Дојранското Езеро и ќе се обучува за начините на управување и промоција на музејот.
Компоненти на проектот и проектни активности
Проектните активности се групирани во 4 (четири) одделни компоненти, односно: Компонента 1 – Подигнување на свеста на локалната самоуправа, општествените чинители и широката јавност; Компонента 2 – Собирање на податоци и мониторинг; Компонента 3 – Регионално вмрежување и Компонента 4 – Инвестиции од помал обем (во текот на 2014 год. главно се реализираа активности од Компонентата 1, додека активностите во рамки на компонентите 2, 3 и 4 ќе се реализираат во текот на оваа година).
Реализирани активности
Во текот на досегашното спроведување на проектот беа реализирани повеќе активности, меѓу кои: средба на претставници на организациите што се стекнаа со финансиска поддршка за реализација на проекти во рамки на Програмата за критични екосистеми од Медитеранот, со фокус на жешките точки во однос на биолошката разновидност од Балканот – Дојранското и Охридското Езеро.

На средбата што беше дел од мониторинг мисијата на CEPF во земјите кориснички од Југоисточна Европа, Канцеларијата на РЕЦ во Македонија ја претстави својата мисија и предвидените активности во рамки на проектот; воведeн состанок со претставници на локалната самоуправа и клучните засегнати страни од општина Дојран за претставување на проектот – неговиот опфат, динамиката на активности и очекуваните резултати; студиска посета на Паркот на природа Хутово Блато (БиХ), организирана за претставници на локалната самоуправа и претставници на клучните засегнати страни од општина Дојран, со цел да се запознаат со начините на управување со Паркот на природа Хутово Блато, зоните на заштита и работата на ловочуварските служби, образовните, спортско-рекреативните и туристичките содржини во Паркот на природата, како и да се запознаат со механизмите за одржливо управување со паркот на природата и примерите на добра практика во управување со други заштитени подрачја.

Dojransko Ezero 01e

На студиската посета учествуваше и претставник од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), со што министерството ја потврди својата поддршка во напорите на општина Дојран за воспоставување на систем за одржливо управување со Споменикот на природата – Дојранско Езеро; реализирани консултативни средби и работни сесии со наставници од основните училишта во општина Дојран, при што е формирана Работната група за образование за одржлив развој – за договарање на детали околу реализација на настани со едукативни активности за одржливо управување со Дојранското Езеро.

Работната група има за цел преку користење на содржините (и нивно адаптирање за потребите на Дојранско Езеро) од мултимедијалните алатки за образование за одржлив развој Зелен пакет и Зелен пакет – Јуниор, да ја подигне свеста на учениците од основните училишта и да ги унапреди нивните знаења за одржливо користење на вода и природни ресурси, а преку нив да дејствува на пошироката јавност во заедницата.

За реализација на едукативните активности (инаку предвидени за напролет годинава) ќе се оствари соработка со локални невладини организации кои работат во полето на животната средина и заштита на природата.

dojransko-ezero-mraz
Тековни активности
Во моментов, проектниот тим на Канцеларијата на РЕЦ во Македонија ја изработува Проектната задача за развивање на Методологија за мониторинг на Дојранското Езеро. Со методологијата ќе се утврдат клучните параметри (физички, хемиски и биолошки) за утврдување на статусот со животната средина во екосистемот Дојранско Езеро. Испитувањето на клучните параметри на животната средина ќе опфати стандардни методи за земање мостри и тестирање на примероци.

Се очекува, резултатите од мониторингот да укажат на слабостите на екосистемот, врз основа на кои ќе се идентификуваат идните потреби за негово правилно управување. Добиените резултати ќе се искористат за пилот внесување на податоци во Катастарот на заштитени подрачја, со којашто располага Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Исто така, во тек е и изработка на содржината и дизајнот на летокот и брошурата што ќе бидат наменети за широката јавност, со цел да се запознае со природните вредности на екосистемот Дојранско Езеро и начините за негова заштита и унапредување.dojran-macedonia-05

Локалните самоуправи – затечени

Со делегирањето на надлежности на локалните самоуправи во однос на управувањето со заштитените подрачја од пониска класа, започна процесот на децентрализација во однос на заштитата на природата, што главно беше обврска на централната власт, односно Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Локалните самоуправи беа поласкани стекнувајќи нови надлежности, но истовремено и затечени пред обврските што им претстојат поради недоволната спремност во поглед на управувањето со заштитените подрачја – се соочуваат со недостиг од соодветни кадри (во однос на професионалната структура) и ограничен буџет, а дополнително од нив се очекува основање на служба во рамки на општината или јавно претпријатие, задолжени за управување со активности за заштита и унапредување на заштитените подрачја. Исто така им се нуди и можноста за склучување на јавно-приватно партнерство со субјекти кои ќе бидат задолжени за извршување на стручно-научните активности во име на општините. Постои мислење дека МЖСПП наметна обврски за кои општините не се доволно подготвени, така што имаат потреба од соодветна финансиска и техничка помош.

Милена Манова Илиќ, раководител на проектот

Испрати коментар

Scroll To Top