Стопанската комора на Македонија на 5-ти идниот месец ќе објави повик за тренери – обучувачи кои ќе ги обучуваат градежните работници во Македонија за енергетска ефикасност. Тие ќе треба да имаат способности да го препознаваат претходното знаење на работниците во делот на енергетската ефикасност и да организираат обуки за оние без претходни знаења.
На повикот ќе може да аплицираат инженери, техничари и мајстори со квалификација 5Б од областа на градежништвото, машинството и електротехниката со искуство поголемо од 5 години од кои најмалку 2 во областа на енергетска ефикасност и познавање за Правилникот за енергетска карактеристики на згради. Предност ќе имаат оние кои веќе имаат сертификати за контролори и вработени во градежни фирми кои имаат направено градежни објекти и згради со „Енергетски пасош“.
Обуката е во рамките на проектот „Градење на капацитети на градежните работи“ (Build Up Skills) што го спроведува Комората, а го финансира Европската унија преку проектот за Интелегентна енергија.
Главната цел на проектот е да ја подготви Македонија во делот на квалификација и преквалификација на градежни работници за полесно постигнување на параметрите на европската стратегија 20/20 за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија во градежниот сектор.
– Со досегашните активности на проектот се идентифукуваа приоритетните занимања во градежниот сектор и бројот на потребни обучени градежни работници во областа на енергетската ефикасност кои треба до 2020 година да придонесат за намалување на потрошувачката на енергија. Анализите покажаа дека во Македонија требаат најмалку 9.800 обучени градежни работници, а најприоритетни се пет занимања – фасадер, столар, техничар за греење, ладење и климатизација, покривопокривач и електричар, – рече Јадранка Аризанковска од Стопанската комора на денешната прес-конференција.
Таа посочи дека согласно направените приоритети обуката за 200-те тренери ќе се спроведе за петте приоритетни занимања, односно по 40 за секое од приоритетните занимања, во периодот април-мај 2015 година.
– Обуките ќе бидат соодветно подготвени за верификација од страна на Центарот за образование на возрасни. Потоа ќе се спроведе обука за сертифицирање на 1.000 градежни работници за да се види нивното претходно работно искуство во делот на енергетската ефикасност по што ќе добијат сертификат за знаење. Сертификатот покрај во Македонија ќе биде признаен и во Хрватска за што конзорциумите за проектот во Македонија и Хрватска веќе потпишаа меморандум за меѓусебно признавање на сертификатите, – рече Аризанковска.
Во мај или јуни годинава ќе се објави повик градежните работници да аплицираат за препознавање на нивното претходно знаење, а од јули до септември ќе се спроведе процесот на препознавање. Целата постапка на препознавање ќе трае една недела. Во ноември, пак, ќе се спроведе обука за оние кои воопшто немаат познавање за енергетска ефикасност, а би сакале да се стекнат со вештини.