Јавното претпријатие „Градски паркинг“ не се откажува од планот за воведување зонско паркирање во населбите каде што во моментов нема, на пример, во Kисела Вода, како и во делови од Kарпош, Дебар Маало и Буњаковец. И лани овие планови биле во игра, но не биле реализирани како дел од најавените инвестиции, пренесува „Дневник“.
За оваа година раководството планира да оформи нови 1.213 паркинг-места на неколку локации во главниот град, најавуваат од „Градски паркинг“. Од оваа бројка речиси половината, 605 места, се водат како дел од катната гаража „Тодор Александров“, која сеуште е во изградба, но за некое време ќе биде ставена во функција.
Локации кои „Градски паркинг“ планира да ги претвори во паркиралишта, јавни и зонски, се, на пример, улицата Јуриј Гагарин кај Министерство за економија, каде што секој ден владее голем сообраќаен хаос, поранешен „Дрводекор“, дел од „Kлимент Охридски“, како и локациите со кои порано стопанисуваше центарското претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ во Дебар Маало и во Буњаковец, а потоа му беа поништени поради некомплетни сообраќајни проекти. Во Kисела Вода зонско паркирање е најавено на улиците: Индустриска, Антон Попов, Емил Зола, Иван Kозарев и Вера Јоциќ. Сите овие нови места ќе се водат во третата зелена зона каде што еден час паркирање е 25 денари.
Доколку ја исполнат својата намера годинава, тогаш „Градски паркинг“ ќе располага со вкупно 8.717 паркинг-места. Бројките покажуваат дека и покрај затворените паркиралишта лани и годината пред неа, поради низа градежни работи во централното подрачје, сепак претпријатието успева да отвори нови паркиралишта на улиците или да стави во функција објекти, како катната гаража кај „Рамстор“.