Рускиот гигант „Гаспром“ соопшти дека привремено ја дефинирал трасата на новиот гасовод кон Турција со турскиот министер за енергетика Танер Јилдиз.
Гасоводот, кој до крајот на 2016 година би требало да го замени напуштениот проект „Јужен тек“ кон Европската Унија, ќе минува низ Црното Море, пред да дојде до градот Лилбургас на северозападот од Турција. После тоа ќе помине преку грчко-турската граница кај градот Ипсала.
Првиот крак на гасоводот, со должина од 900 километри, ќе има вкупен капацитет од 15,75 милијарди кубни метри гас годишно, но со вкупно четири краци ќе испорачува 63 милијарди кубни метри гас.
Руската гасна компанија соопшти во почетокот на декември дека го напушта проектот „Јужен тек“, вреден околу 40 милијарди долари (32 милијарди евра).