Книга 1 : Големите движења и мајстори – резимирани извадоци
В. Дефинирање и насоки (3)
Ад хок пристапот несомнено му придодава дух и разновидност на постмодерниот амбиент, кој во модерната станува с¢ похомоген. Овој пристап го вклучува и принципот на партиципација, при што архитектурата се доближува до вкусот и до кодовите на самите жители. За да се одржи контролата врз градбата како архитектонски производ, авторот секогаш додава нешто специфично ново. Ад хок пристапот овозможува архитектурата да не се губи во празен формализам, кој, според Џенкс, е толку очигледен во доцното творештво на В. Гропиус.
Во својата студија за атхокизмот, Џенкс оправдано се става на страната на ад хок архитектурата, која се развива врз основа на прирачни средства и врз извесна слобода, што придонесува за еден спонтан и прагматич ен реализам, наметнат од условите и од дадените факти. На таков начин, вкупната архитектура се ослободува од строгите правила и од правилноста на кој било стил, како и од кои било други однапред утврдени правила.
Од широкиот придонес на постмодерната во општиот развој на архитектурата, Џенкс наведува уште две препознатливи насоки: метафора и забава или двосмисленост. Метафоричните објекти настојуваат да воспостават комуникација со околината со помош на поетски слики, кои понекогаш имаат метафизичка основа. Тие објекти треба да се сфатат како реакција на апстрактниот (безличниот) модернизам. Карактеристични примери на такви објекти се веќе споменатите: Операта во Сиднеј на Ј. Утзон и Пацифик дизајн центарот на С. Пелји, а кон нив се приклучуваат и одделни дела на други архитекти.
Минору Такејама, кај хотелот Беверли Том во Хокаидо (1973-74), збива осумдесет одаи во три чертвртини од цилиндарот, а ресторанот и покривната градина се означени со други форми на лингвистичката синтакса. Формата на објектот, во вид на машки полов орган, не е јасно читлива, така што симболизмот на овој објект е кодиран со други функционалистични значења. Од друга страна, Стенли Тајгерман користи експлицитни метафори при создавањето архитектура, понекогаш употребувајќи хумор и сатира, што како постапка може да се смести во претерувањата на постмодернизмот од времето на неговата прва фаза. Така, на пример, неговата Дејзи хаус во Индијана (1976-77), има основа и делови на фасадата, чии форми јасно потсетуваат на интимни делови од машката и женската анатомија.
Една насока на посмодерната е одбележана со забавни и двосмислени просторни игри, присутни кај објектите на неколку архитекти. Така на пример, Френк О’Гери (1929-), на преминот од 70-тите во 80-тите години, при компонирањето користи најнеочекувани и најдвосмислени просторни трикови со превртена перспектива и нагласени контрастни бои, останувајќи во рамките на апстрактната технолошка слика на светот. Тоа го илустрираат следниве примери: куќата на архитектот во Санта Моника (1978), Музејот на воздушниот простор во Лос Анџелес (1984), куќата Нортон во Венеција, Калифорнија (1984), и музејот Витра во Вајл на Рајна, (1989). Врв на творештвото на О’Гери претставува објектот на музејот Гугенхајм во Билбао (1991-97), каде што композициската слобода на формите и боите ја комбинира со елементите на т.н. зелена архитектура.
Гинтер Бениш (1922-) со соработниците, во тој период исто така се занимава со забавни и двосмислени композиции на архитектонски елементи во просторот. Таков карактеристич ен пример е Истражувачкиот институт на соларна енергија при Универзитетот во Штутгарт (1987).