Над 90 милиони денари ќе одвои Министерството за здравство, за реконструкција на објектите во Клиничката болница во Битола во првата фаза, а средствата се обезбедени од заштедите во тендерите. Менаџментот на битолската болница целосно ги има скенирано потребите и приоритетите, а во тек е постапка за изработка на техничка програма и подготовка на тендерската постапка, што ќе следи во реализацијата на оваа капитална инвестиција.
„Опфаќа комплетна промена на надворешната дограма и столарија, на дел и од внатрешните, изолација по енергетски ефикасните стандарди на фасадата, промена на крововите на целиот објект, лифтовите што не функционираат и плус дава лифтови од надворешниот дел на Болницата, за отстранување на комуналниот и медицинскиот отпад“ изјави на пресот д-р Василие Најдовски, директор на Клиничката болница во Битола.
Според финалните идеи за енергетската ефикасност, во Болницата ќе се користат технолошка вода и енергија од обновливи извори. Овие зафати ќе следат во втората и третата инвестициска фаза, а според грубите математики, зафатот ќе чини над три милиони евра, но енергетските заштеди годишно ќе изнесуваат до 400 илјади евра.