Кон крајот на минатата година, незабележително проструи веста дека Хрватска и Словенија се согласиле за продолжување на работата на нуклеарната централа Кршко по 2023 година. Значи, како што сега стојат работите, НЕ Кршко ќе работи до 2043 година. Но, подолгиот период на работа на централата имплицира и поголема количина на нуклеарен отпад кој треба соодветно да се згрижи. Постоечкото привремено складиште е исполнето до 95% со ниско и средно радиоактивен отпад. Според проценките, до 2023 година ќе биде потребно да се згрижат околу 9.ооо тони радиоактивен отпад и 870 тони истрошено гориво. Доколку централата работи до 2043 година, тогаш овие бројки растат.
Трошоците за затворање на централата се исклучително високи, и тешко е да се претпостави колку тоа навистина ќе чини. Без оглед на тоа, неопходно е да се решава проблемот со складирањето на ниско и средно радиоактивен отпад, со заедничко вложување на двете страни кое се проценува на 178 милиони евра. Но, овој трошок минатата година Хрватска го оцени како превисок, и се предомисли во врска со складирањето на отпадот на своја територија. Доколку централата се затвори во 2043 година, Хрватска своето складиште (за складирање на својот дел од отпадот) треба да го изгради до таа година, што дава прилично комотна позиција во одложувањето на проблемите.