Македонските пратеници утре треба да гласаат за гаранција на заем во вредност од 160 милиони евра за изградба на патишта во кои е вклучена и новата делница од Охрид до Пештани, чија изградба е еколошка закана врз Охридското Езеро и врз Националниот парк Галичица, предупрeди денеска меѓународната еколошка организација „Бенквоч“, информира НОВА.
Како што коментираат од „Бенквоч“, патот е дел од експресната патна врска до Јадранското Море и неговата изградба е закана за пејзажот и за биодиверзитетот на најголемата туристичка атракција во Македонија.
„Апсурдно е да се уништи споменик на УНЕСКО и Националниот парк Галичица за да се претвори Охридското Езеро во транзитно место до морето. Македонските пратеници треба да ја преиспитаат рационалноста на оваа инвестиција. Несфатливо е како овој инфраструктурен проект ќе го поттикне регионалниот развој, доколку ја оштети една од главните туристички локации во Македонија?“, се прашува Фиданка Бачева Мекграт, од меѓународната еколошка организација „Бенквоч“.
Оттаму потсетуваат дека УНЕСКО веќе покажала загриженост поради инфрастурктурното планирање на охридскиот регион.
„Изгледа дека и ЕБРД и македонските власти не успеаа да ја научат лекцијата од прокетот за хидроелектраната Бошков Мост, кога во 2011 година банката одобри заем од 65 милиони евра за изградба на брана во националниот парк Маврово. Пред една година излезе дека прокетот не ги задоволувал еколошките стандарди што ги пропишува самата банка и поради тоа Бернската конвенција минатиот месец отвори случај. Патот Охрид-Пештани ќе ги предизвика истите комппилкации, па затоа носителите на одлуките треба два пати да размислат пред да го протукркаат проектот по секоја цена“, вели Пипа Галот, координатор за истражување на „Бенквоч“.