Уметникот на кого му припадна честа да ја одржи својата прва изложба во новоотворениот центар на современа уметност на конгломератот LVMH е Олафур Елиасон.
Така, отворена е сезоната ликовни изложби во рамките на ова архитектонско ремек-дело на Френк Гери. Меѓу стаклените ѕидови на музејот, сместени се светлосни инсталации под заеднички наслов „Контакт“. Асоцијацијата на „вселенските контакти“ не е случајна, бидејќи Елиасон во своите дела го промислува односот помеѓу човекот и универзумот додека ја создава својата уметност.
Една од инсталациите човекот го прави како сопствен набљудувач – голем објект во центарот на просторот проектира сенки на ѕидовите, и истите сенки „шетаат“ по гостите на изложбата. Во втората просторија е проекција на долга црта на хоризонт пред која набљудувачите можат да седат, а за возврат таа се рефлектира преку нив во зависност од реалното излегување и заоѓање на сонцето. Ретроспективата ќе биде отворена до 16 февруари.