Град Скопје во 2015 година планира да потроши нешто повеќе од една милијарда денари или 16,6 милиони евра во инфраструктурни проекти. За изградба и реконструкција на улици, патишта, мостови, водоводна мрежа и атмосферска и фекална канализација потребни се 850 милиони денари, а градската власт планира да обезбеди 750.000.000 од приходи од уредување на градежно земјиште, додека останатите 100.000.000 од приходи од легализација на дивоградби.
Ова го содржи Предлог-програмата за уредување на градежното земјиште на подрачјето на Скопје за 2015 година.
Најголем дел од парите, и тоа 818.448.000, ќе се потрошат во изградба и реконструкција на улици и патишта. Новитет за наредната година е најавата од градските власти за раскрсницата на две нивоа што се предвидува кај Бит-пазар, односно меѓу Судска палата и ТЦ-Мавровка и што ќе биде прва ваква во Македонија.
Исто така, друг покрупен проект е започнување на градежните работи за изградба на подземната сообраќајница Јужен булевар. Градот в година за потребите на оваа подземна сообраќајница планира да изгради две крстосници на Јужен булевар едната кај Св. Климент Охридски и другата кај бул. Кочо Рацин. За изградбата на двете крстосници ќе се потрошат 10 милиони денари.
Другите клучни зафати во делот на изградба и реконструкција на улици се: изградба на бул. АСНОМ во делот на Ќерамидница до новата сала; изградба на бул. АСНОМ од последна 5-ка кон куќите во Лисиче во прва фаза; изградба на улица Павел Шатев, ул. Тодор Александров; ул. Борис Сарафов; проширување на бул. Александар Македонски од Агросервис до клучка Дијамант; проширување на ул. М.Т. Гологанов од Св. К.Охридски до Клуб на пратеници; реконструкција на дел од 16-та Македонска бригада, кружен тек; бул. Христијан Тодоровски Карпош до обиколница и проширување; реконструкција на бул. Јане Сандански.
За изградба и реконструкција на тротоари, плоштади и фонтани Град Скопје одвоил 304 милиони денари.
Исто така, следната година ќе се доизгради и бул. Партизански одреди до Св. Петар и Павле; ќе се реконструира Гологанов и бул. Никола Карев (Пластичарската) каде што ќе се додаде четврта лента. Во план е и реконструкција на ул. Сарај; реконструкција на раскрсница бул. 8. Септември и ул. Скупи; Трета Македонска бригада прва и втора фаза со кружен тек; реконструкција на ул. Јордан Мијалков (Железничка); на ул. Свети Кирил и Методиј (Мито Х. Јасмин), реконструкција на ул. Маџари, на Цветан Димов, Кемал Сејфула, Александар Урдаревски, Борис Трајковски.
За реализација на овие проекти градот одвоил и средства за експропријација на земјиште вкупно 35 милиони денари и за надомест за одземен имот заради изградба на улици 10 милиони денари.
Водоводен систем во износ од девет милиони денари ќе се гради во Шуто Оризари и Нерези, додека за атмосферска и фекална канализација се предвидуваат 84.400 000 денари.
Динамиката на извршување на програмата ќе зависи од создадените правни претпоставки и технички услови како и од приливот на средства наменети за финансирање на програмата, наведуваат од Град Скопје.