Зелената зграда во Милано, со своите 800 стебла и 14.000 билки на фасадата, доби престижно признание на International Highrise Award за 2014 година.
Bosco verticale всушност ја сочинуваат две кули со поместени тераси кои се целосно покриени со зеленило па објектот изгледа како вертикална шума.
Bosco Verticale ја освои наградата за International Highrise Award 2014, а жирито едногласно се согласи дека овој проект може да биде прототип за градовите на иднината.
„Вертикалната шума е израз на човековата потреба да биде во контакт со природата. Тоа е радикална и смела идеја за идните градови и без сомнеж претставува модел за згради во густо населените градови на Европа“, појасни претседателот на жирито Christoph Ingenhoven.
Двете кули заедно имаат 113 станови, а секоја од нив нуди убави погледи на градот.
Bosco Verticale е самоодржлив објект. Струјата ја произведува со соларни панели, а водата од канализацијата се филтрира и употребува за полевање на билките. Стеблата на дрвјата се транспортирани со кран и засадени на терасите. Шумата ги сокрива погледите од соседите.