Земјите од Централна и Источна Европа планираат да искористат 350 милијарди евра од европскиот буџет за фосилни извори на енергија и транспорт кој ја загадува животната средина, што секако не е во согласност со европската политика на трансформација на стопанството преку нискојаглеродни технологии. Ова е заклучокот од анализата спроведена од страна на CEE Bankwatch. Анализата е направена врз основа на проекциите во националните буџети на Хрватска, Полска, Чешка, Унгарија, Словачка, Литванија, Летонија и Естонија, за периодот 2014-2020 год. и споредбата со алокацијата на средствата од ЕУ фондовите пред 7 години.
Бројките укажуваат дека во овие земји и натаму се трошат огромни средства за јаглен, гас и други фосилни горива. Во Полска и Естонија планираат да потрошат само мал дел од средствата за одржлив транспорт. Вложувањата во обновливи извори на енергија во сите овие земји се во опаѓање, пред се во Чешка, додека Естонија, Литванија и Летонија планираат изградба на постројки на биомаса. Вложувањата во енергетската ефикасност се зголемуваат, иако дел од тие средства сепак ќе завршат кај големите загадувачи. Засега се прифатени одвај 40 од вкупно 535 програми за финансирање од европските фондови, па можно е Комисијата сепак да инсистира на „зелени иницијативи“, а CEE Bankwatch ги повикува државите членки да се откажат од финансирање на „валкани“ технологии.