Насловна / Вести / Обезбедени 305 милиони евра – пругата кон Бугарија ќе се гради

Обезбедени 305 милиони евра – пругата кон Бугарија ќе се гради

prugga kaj kriva palanka Beljakobce

За осум до девет месеци треба да почне изградбата на Бељаковце – Крива Паланка, втората делница за железничкото поврзување на Македонија со Бугарија на Коридорот 8. На делницата, во должина од 34 километри, ќе бидат изградени пруга, две железнички станици во Кратово и во Гиновци, три стојалишта, 14 тунели, 11 нови мостови, ќе бидат обновени постојните 33 моста…

За потребните финансии за изградбата во износ од 145 милиони евра, обезбедени со кредит од Европската банка за обнова и развој, денеска е потпишан договор помеѓу македонските институции и ЕБОР. Потпишан е и договорот за заемот од ЕБОР од 160 милиони евра со кои ќе се овозможи изградба на три експресни пата и еден автопат.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, со обезбедените 305 милиони евра од ЕБОР се реализираат стратешки и крупни инфраструктурни проекти.

pruga beljakovce
– Очекуваме врз основа на потпишувањето на договорот и направените подготвителни работи некаде после летото 2015 година, значи за осум до девет месеци да почне изградбата на втората фаза. Првата фаза е во тек и треба да заврши до септември 2016 година, што значи дека во еден дел паралелно ќе се градат првата и втората фаза. Значајно е дека се обезбедени средства, имаме добар партнер – ЕБОР, како гаранција за квалитетот на реализација на проектот и дека за третата фаза имаме извесност за обезбедување средства. Пругата кон Бугарија станува реалност, 20 до 30 години се зборуваше за тој проект, но еве дојде време да се обезбеди целосно финансиската конструкција, – рече Ставрески по потпишувањето на Договорот.

Тој истакна дека станува збор за една од најзначајните артерии и стратешки коридори за Република Македонија што практично ќе овозможи дополнителен проток на стока и патници во зоната исток – запад од Италија преку Албанија и преку Република Македонија кон Бугарија. Со тоа, нагласи, вкупното патување во тој правец ќе биде пократко и поекономично.

Договорот со ЕБОР за реализација на Програмата за национални патишта, според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, ќе ја овозможи изградбата на автопатот Струга – Требеништа, на експресните патишта Раец – Дреново како дел од патот од Градско до Прилеп, Охрид – Пештани и изградба на патот Штип – Кочани на ниво на експресен пат.

 

Испрати коментар

Scroll To Top