Кон крајот на ноември, завршена е изградбата на една од најголемите соларни фарми во светот „Topaz“, која се наоѓа во Калифорнија. Моќноста на оваа фарма е околу 550 MW, а се проценува дека годишно ќе произведува над 1.000 GWh електрична енергија. Реализацијата на овој проект започна во ноември 2011-та, а инвеститор е компанијата „Mid American Solar“. На 25 километри квадратни, поставени се околу девет милиони соларни панели. Проектот е дело на компанијата „First Solar Inc“, која и ќе управува со оваа соларна фарма.
Компанијата „Pacific Gas & Electric“ потпишала договор на 25 години за купување на електричната енергија што ќе биде произведена во оваа постројка. Вредноста на овој проект е околу 2,5 милијарди долари, а се проценува дека со енергијата од оваа соларна фарма ќе можат да се снабдуваат околу 180.000 домаќинства. Освен тоа, централата ќе придонесе за намалување на емисијата на јаглерод диоксид за 377.000 тони годишно.