Граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ ја продолжува својата активност за зачувување на автентичноста и функционалноста на најстариот трговски центар во земјата. Новата кампања ќе кулуминира на 28 декември со голема протестна предновогодишна забава „Во Новата година со стариот ГТЦ”, на која ќе говорат разни личности, ќе има настапи на музички ѕвезди, а ќе биде формиран и жив ѕид околу објектот. На централниот настан, почнувајќи од утре, му претстои собир на активисти и граѓани во Паркот на Франкофонијата, а потоа од 10 декември на влезот на ГТЦ ќе биде поставен и штанд.
„На штандот ќе зборуваме со граѓаните. Ќе има т.н. домаќини на штандот, разни јавни личности кои ќе говорат за нивните ставови за ГТЦ, ќе се делат промотивни материјали, а ќе се промовираат и спотови, анимации, кратки филмови со видни граѓани на Скопје. Ни претстои интензивно и убаво дружење наредниот месец, со надеж дека скопјани ќе испратат јасна порака до носителите на одлуки да се откажат од заробувањето на ГТЦ. Ќе биде отворена и книгата за потписи, каде веќе се потпишаа илјадници граѓани за зачувување на автентичноста на ГТЦ“, рече Никола Писарев од „Го сакам ГТЦ“.
„ГТЦ е спомен, меморија, белег на Скопје, чија вредност е многу поголема од сета вредност на оваа нова историја на градот направена во последните години“, сметаат активистите.
Зад иницијативата застана и Асоцијацијата на архитекти на Македонија, чија претседателска Сања Раѓеновиќ Јовановиќ вели дека секогаш ќе бидат за одбрана на автентичноста на ГТЦ, затоа што објектот е симбиоза на животот.
„Градски трговски центар остана како симбол на борбата на се она што му се случува на нашиот град. Архитектите сигурно мора да понесат дел од одговорноста и ако успееме да го спасиме ГТЦ, се надевам дека ќе успееме и себе како професија да се спасиме“, истакна Раѓеновиќ Јовановиќ.
Насловна / Архитектура / Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ со предновогодишна забава „Во Новата година со стариот ГТЦ”