Насловна / Вести / Нов оглас за изградба на две катни гаражи во комплексот клиники „Мајка Тереза“

Нов оглас за изградба на две катни гаражи во комплексот клиники „Мајка Тереза“

kliniki

Министерството за здравство распиша нов оглас за јавно-приватно партнерство за изградба на две катни гаражи во комплексот клиники „Мајка Тереза“, откако првиот обид лани беше неуспешен.
Се проценува дека изградба на двете гаражи ќе чини околу 19,5 милиони евра. Едната катна гаража ќе се гради на просторот помеѓу Инфективната клиника и Фармацевтскиот факултет, а другата на местото каде што сега е Институтот за туберкулоза. Двете гаражи ќе имаат по седум ката и ќе бидат со вкупно 2.500 паркинг-места. Тие ќе имаат и деловен простор со површина од по 4.000 квадратни метри. Во втората катна гаража ќе има и хелиодром, кој треба да го изгради приватниот партнер, а со него ќе управуваат клиниките.
Приватниот партнер што ќе ги изгради гаражите ќе стопанисува со нив 35 години и ќе треба да наплаќа билет за еден час паркирање со износ од најмногу 50 денари, а ќе има можност да ја коригира цената за 10 проценти на секои пет години.
Сега, на постоечките паркинзи дневно влегуваат 2.041 возило, од кои 465 на вработените. Во еден момент на паркинзите се паркирани и повеќе од 1.500 возила. На интервали од 15 минути во комплексот клиники влегуваат од 60 до 70 возила. Најголема е фреквенцијата во периодот од 7 до 9 часот наутро.
Се предвидува да се изгради и сервисна улица, што ќе треба да го растовари сообраќајот на булеварот „Мајка Тереза“.

Испрати коментар

Scroll To Top