Републичкото Собрание денеска го донесе Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој за Договорот за заем за финансирање на проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојната железничка делница Бељаковце – Крива Паланка“.
Станува збор за задолжување од 145 милиони евра кај ЕБОР со кое ќе се овозможи изградба на делницата Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри, втор дел од пругата за железничко поврзување на Македонија со Бугарија на Коридорот 8.
Според заменик-министерот за финансии Ардиан Џеладини, рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од 4 години. Каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1 процент. Повлекувањето на заемот ќе се врши во транши. Минималниот износ на траншата изнесува 250.000 евра.
ЕБОР дополнително ќе обезбеди грант од 670.000 денари за консултантска помош за имплементација на проектот и поддршка на компонентата за градење на капацитетите.