Во Музејот на Македонија отворен е Центар за музејска едукација, прв од ваков вид во нашата земја кој треба да биде значаен извор за наобразба на младата популација.
На свеченото отворање, присуствуваше министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која истакна дека Центарот претставува важен сегмент во развојот и едукацијата на најмладите.
„Отворањето на овој Центар кое е предвидено како активност во Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година ќе придонесе младите да се запознаат со непроценливите вредности на нашето културно богатство, ќе влијае врз издигнувањето на нивната свест за значењето и заштитата на културното наследство од кое секоја генерација треба да црпи чувство на припадност и идентитет. Отворањето на оваа нова организациона единица на Музејот на Македонија долгорочно ќе има голем бенефит во образованието и едукацијата на младата популација“, изјави Канческа-Милевска.
Основна цел на новиот Центар за музејска едукација, според министерката за култура, е преку практична и научно-истражувачка работа, прилагодена за одредена возраст и предзнаење на учесниците, младата популација да ги усвои елементарните информации за музеите, за историјата, археологијата, етнологијата.
Во подготовките за отворањето на Центарот, покрај музејските едукатори, вклучени беа и децата од градинките „Кочо Рацин“ и „Пролет“, децата од основните училишта „Кочо Рацин“, „Браќа Миладиновци“, „Наим Фрашери“, „Алија Авдовиќ“, „Мустафа Кемал Ататурк“ и „Јане Сандански“, од средното училиште „Орце Николов“, како и децата од училиштето за слепи и слабовидни деца „Димитар Влахов“.