По речиси 150 денови, новиот погон на штипска „Актива“ е готов и веќе почна со производство на автобуски шасии. Иако рокот за изградба истекуваше на почетокот на идната година, вработените во „Актива“ со одличниот менаџерски тим успеаја да ги совладаат сите пречки и фабриката да ја отворат многу порано од крајниот рок. Работите почнаа пред пет месеци, кога „Актива“ започна со домашна инвестиција од 4 милиони евра за изградба на новиот погон во Штип, во градската зона „Запад“ на патот кон Струмица.
Новата прозводствена хала има површина од 8.600 квадратни метри и во неа веќе почна производството на делови за автобуски шасии за потребите на „Ван хол“. Во фабриката се вработени 60 нови работници. Со ова „Актива“ го заокружи бројот на вработените на 240 лица, што е импресивна бројка за фирма од металската струка, за град како Штип во кој вообичаено на цена се текстилните работници.
Во фабриката веќе работат и 24 инженери, од кои петмина се примени додека се градеше фабриката. Околу 10 проценти од вкупниот број вработени во фирмата е кадар со високо образование.
Директорот на „Актива“ Иле Николов за новата инвестиција вели: – Производствениот процес подразбира два аспекта. Првиот се заснова на комплетно автоматизиран дел за што се купени скапи машини од странство, а вториот е мануелен за кој се потребни квалитетни заварувачи од кои најголемиот дел „Актива“ веќе ги обезбеди преку своето интерно училиште за заварувачи во постојната фабрика. „Актива“ и досега произведуваше делови за автобуски шасии за „Ван хол“, но откако оваа фирма ја отвори својата фабрика за автобуси и во Македонија, потребите станаа многу поголеми. Со „Актива“, и белгискиот инвеститор решава голем товар за неговиот пласман на пазарите ширум светот.
Инаку, штипскиот бизнисмен Иле Николов, основач и сопственик на штипска „Актива“, е добитник на признанието „8 Ноември“ кое традиционално го доделува општина Штип по повод Денот на ослободувањето на градот.