Изградбата на малото корито на Крива Река во централното градско подрачје од Крива Паланка е во завршна фаза и до крајот на годинава треба да биде целосно уредено. Овој објект се гради во рамките на проектот „Реките не познаваат граници“, кој се реализира преку партнерство на Крива Паланка со бугарската општина Дупница, со финансиска поддршка на ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија.
– Со проектот се опфатени 500 метри од речното корито на Крива Река во централното градско подрачје, каде покрај заштитата на реката се уредува и делот на влевот на Дурачка во Крива Река. Во тек се завршните работи и планирано е сите активности да завршат до крајот на годината, – вели Сашко Додевски, координатор на проектот.
Уредувањето на речното корито ќе го облагороди и разубави просторот во централното подрачје на Крива Паланка, а со овој проект, воедно, ќе се реши и проблемот со високите каскади и попречениот пат на рибите.
– Се прават соодветни премини за слободно движење на рибите, неопходно за природниот пат на мрестење, што досега беше оневозможено поради високите каскади во реката. Новите премини, пак, воедно ќе претставуваат и мини водопади. Истовремено, на дел од реката кај големиот мост ќе биде направено и заезерување со водоскоци, така што коритото ќе претставува атрактивна локација, – вели градоначалникот Арсенчо Алексовски.
Вкупната инвстиција на проектот изнесува околу 500.000 евра од кои половина се за изградбата на мињор коритото на Крива Река, а останатите за партнерската општина Дупница. Изведувач на работите е фирмата „Цвет компани“ од Скопје