Живеењето во мали станови е сè почесто, особено во големите градови во кои цената на недвижностите вртоглаво расте. Во овој прилог ви претставуваме едно функционално и необично решение на стан од осум метри квадратни во Париз.
Некогашната соба за помошничка во центарот на престолнината на Франција – Париз, сега е претворена во станбен простор. Во собата во која некогаш бил сместен само орман со џогери и крпи за чистење, денес е спакувана и кујна и кревет и купатило во орманот. Со само осум метри квадратни, овој стан со своето интелегентно решение на фиоки со различни функции во орманот станува повеќенаменски.
Со игра на отворање и затворање на фиоките можно е да се обезбеди нормално живеење во толку мал простор. Во една од фиоките на овој модуларен орман е поставен и креветот со скалички кои истовремено се и полици за книги.
Друг дел со отворање станува трпезариска маса со столчиња, додека во останатиот дел се наоѓа гардероберот за облека. Чајната кујна се состои од мијалник и мал фрижидер.
Проектот го потпишува студиото „Китоко“. Станот што е уреден како швајцарско ноже, можеби не е многу удобен, но тоа е цената на живеењето во центарот на Париз.