Компанијата „Моросо“ ја пушти во продажба лимитираната серија на маси со столици кои ги дизајнираше архитектот Даниел Либескинд за уметничката инсталација на Марина Абрамовиќ.
Инсталацијата на Марина Абрамовиќ се состои од интерактивен концепт со публиката во која љубопитните набљудувачи на изложбата ќе имаат можност да седнат на столот и на масата да ги пребројуваат зрната ориз минимум шест часа. За таа прилика Даниел Либескинд дизајнира столица и маса изработени од дрво.
Италијанскиот бренд „Моросо“, пушти во продажба 20 такви парчиња кои се направени од лесен бетон. Дизајнот на познатиот архитект Даниел Либескинд е мошне интересен поради фактот што масата и столицата се всушност еден елемент. Површината на масата е накривена кон личноста која седи и се завршува со истакнат раб кој спречува зрната ориз да испаднат од масата.
Уметницата Марина Абрамовиќ постојано соработува со брендот „Моросо“. Лимитираната едиција на овој елемент ќе биде продадена на аукција.