Со финансиска поддршка од Министерството за култура, во тек е конзервацијата на подните плочи во дворот на еден од најрепрезентативните сакрални објекти во Штип, соборната црква „Свети Никола“.
Станува збор за трикорабна базилика опкружена со тремови од западната, јужната и од северната страна. Подот е поставен во периодот на изградбата на црквата, во 1341 година. Во изминатите години, заради поголеми оштетувања на подот, се извршени повеќе преправки при што се користени други видови камени плочи. Во моментов, стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата интензивно работат на конзервацијата на подот со обработен и кршен камен.
Внатрешноста на црквата е украсена со живопис на сводовите, фрескоикони по ѕидовите, голем иконостас со икони работени од познатиот македонски зограф Димитар Андонов Папрадишки во 1869 година, фрескоживопис во олтарниот дел работен од зографот Костадин Иванов Вангелов од Штип, како и копаничарските дела од кои посебно место му припаѓа на богато украсениот балдахин во олтарниот дел на црквата и владичкиот трон во наосот на црквата, работени во ажурна резба.
Соборната црква „Свети Никола“ е изградена од протомајсторот Андреја Дамјанов, на местото на старата Сифиева црква посветена на св. Никола, а изградена од протомајсторот Ѓорѓи Новаков-Џонгар.