Комплексната природа на процесот на трансформација на современите градови во последниве години често се објаснува со помош на аналогиите со дифузниот органицизам. Овие и други интердисциплинарни теории настојуваат да се приближат повеќе до причините, отколку да дадат предлози за ефикасни инструменти за интервенција, особено поради фактот што манифестациите на проблемите се многу разнородни и ги погодуваат подеднакво и богатите и сиромашните општества, со различни култури, бројност и густина на населеност. Со оглед на тоа што одредени појавни облици на мутантни процеси можат да се идентификуваат и во нашата транзициона состојба на перманентна трансформација, корисно е да го проследиме текстот на Игнаси де Сола-Моралес, за сегашноста и иднината на градовите, кој иако датира од пред десетина години, допрва добива во значење за стратегиите во разрешувањето на опозициските состојби на урбанитетите.
Исто како што органите на живите суштества растат, се адаптираат и трансформираат, органите – архитектурите – на градот растат, се адаптираат и трансформираат во постојана интеракција со природниот и социјалниот енвиронмент кој го детерминира опсегот на овие промени.
Од времето на Ренесансата, до органицизмот на Френк Лојд Рајт или Рејмонд Унвин, органскиот еволуционен модел го одредуваше начинот на толкување на релациите помеѓу промените во градот и промените во архитектурата. Меѓутоа, генетските истражувања на ботаничарот Де Врис од почетокот на 20-тиот век воведоа радикално нов начин на објаснување на биолошките процеси. Случајната, нерегуларна промена во генетскиот материјал на клетките продуцира алтернации кај една или повеќе наследни карактеристики, провоцирајќи прекин во механизмот на наследувањето, предизвикувајќи мутација, супстанцијална промена, како во морфологијата, така и во психологијата, не само во односната клетка, туку во целиот организам.
Судбините на поимот мутација во биологијата следеа патека паралелна на прогресивниот развој на различните гранки на науките, на поими како што се: шанса, креација на настан, турбуленција, хаос. Според Кун, заедничко за овие поими е дека ги коригираат еволуционите модели и фиксираните закони на наследувањето на особини, кои ја објаснуваа промената редуцирајќи ја на серија од интензивирани движења, или минимални психолошки адаптации на начин што големите трансформации се сметаа само за акумулиран резултат постигнат низ долг временски период во буквално бесконечен синџир на промени.
Применет на градовите, органскиот еволуционен модел ги објаснува процесите на промена во термини на долготрајност и перманентно приспособување помеѓу формата и функцијата, помеѓу морфологијата и психологијата, применувајќи ги биолошките концепти опишани погоре.
Но, како тогаш можат да се објаснат моментите на настанување? Како можат да се анализираат одговорите на ненадејна деструкција од природни катастрофи или војни? Како да се разбере импактот на новите технологии и инвенции?
Дури и поимот на планирање ставен во оптек од Модерното движење ја задржа концепцијата која се состоеше во прогресија, од поголем кон помал размер, од планирање кон урбанизирање, кон градење и конзервирање низ целиот овој процес на логичката кохеренција базирана на перманентна интеракција помеѓу морфологијата и типологијата. Сега и ние се наоѓаме соочени со процеси на ненадејни мутации во кои не можеме да ги разлачиме ниту поимите на еволутивна трансформација, ниту претпоставената логичка пргресија од планирањето кон градењето.
Капацитетот да се акумулираат моќни приватни и јавни средства и технологии на брза деструкција и не помалку брза повторна конструкција се одговорни за стотици хектари изграден простор во рамките на постојните градови, или простори кои се уште не се урбани, поминуваат низ природни мутации: ненадејни, случајни и непредвидливи од гледна точка на бавната логика на еволуцијата. Ова се процеси со висок степен на автономија, во кои принципиелната линија на развој напредува однатре во самиот процес, а не од какви било барања или рестрикции наметнати од постојниот енвиронмент. Линиите на конфигурацијата се формираат долж линиите на енергиите кои течат од нуклеусот кон надворешните рабови, генерирајќи нови простори во термините на нивната сопствена логика и од утробата на нивните потреби, а не од каков било систем на релации кои посеопфатно ги третираат предусловите.
По правило, првата работа која ја прави критичката архитектонска мисла кога се соочува со овие феномени, е да апелира на кохерентност, хармонија и баланс помеѓу оваа мутантна експлозија и веќе изграденото: природниот енвиронмент, историјата или каков било друг посреден фактор, надворешен за самиот феномен – сирома- шен аналитички приод, кој едвај погледнува во правец на надворешниот импакт во името на неманифестираниот принцип на универзален еквилибриум. Но, уште посиромашна е анализата на внатрешните модели на овие мутантни операции, кога она што е прифатено како такво завршува во крутите механизми на шематскиот функционализам. Ако се анализираат некои актуелни процеси во големите градови, како Бејрут, Мексико Сити, Бомбај и др. функционалната, просторна и естетска сиромаштија на продуктите од ваквите процеси не може да се разреши било поради недостиг на технички средства, или поради магнитудата на размерот на акциите, или брзината на процесот. Она што загрижува е дека во пресрет на настаните со таква иновативна магнитуда, архитектонската дисциплина, барањата на пазарот и политичките сили, речиси секогаш завршуваат во крајно банални и историски опсолетни форми, чии лимитирани иновации ќе станат, со време, причина за мултиплицирани и многу сериозни проблеми. Изненадувачки се тврдењата дека ургентноста и брзината на процесот на мутации не остава простор било за анализа, било за инвенција, туку се задоволува само со ингениозната сатисфакција дека продуцирал огромни монструми. Да се дизајнира мутацијата, да се воведе некој во нејзината центрифугална енергија, мора да се инволвира прво во дизајнот на приватниот и на јавниот простор, на мобилноста и на специјализираните локации, на организмот во целина и на индивидуалните елементи. Множеството на недефинирани варијабли кои се воведуваат во играта во изградените мутации од овој тип не можат да се контролираат само со помалку или повеќе ефективни инструменти за менаџирање. Сите фактори ја индицираат потребата од отворени интерактивни морфологии, во кои одредени минимални критериуми ќе бидат единствените закони кои ќе го организираат рапидниот процес во кој една урбана фаза и отстапува место на друга. Но, овие критериуми не можат да бидат само критериуми на урбаниот дизајн, со исклучување на градењето, затоа што таквата дистинкција е безначајна за мутационите процеси. Местата и структурите, имплементацијата на енергиите и нивните извори се продуцираат од нивната капиларна врска на секое ниво и во секоја фаза. Само апсолутна интеракција помеѓу системите и архитектурата, која истовремено се одвива како динамичка експресија на мутацијата, може да го унапреди градот и неговата архитектура во контролата на карактеристиките на процесот. Само проектите кои отелотворуваат механизми на само-регулација, на интеракција и преадаптирање во текот на процесот на изведба можат да имаат смисла во ситуации кои се спротивставуваат на компарацијата со оние од минатото.
(извадок од текстот: “Present and Futures – Architecture in Cities”, Ignasi de Sola-Morales, Barcelona,, 1996)
д-р Анета ХРИСТОВА, дипл.инг.арх. (Авторката е професор на Архитектонскиот факултет во Скопје)
Објавено во број 93.