Автомобилите во Европа трошат многу повеќе гориво од вредностите што ги декларираат производителите. Ова го покажа најновото истражување спроведено од страна на Меѓународниот Совет за чист сообраќај (ICCT). „Сите податоци потврдуваат дека континуирано расте јазот помеѓу податоците што ги даваат производителите и реалната потрошувачка“, изјави за Der Spiegel раководителот на европската подружница на ICCT.
Во текот на истражувањето биле анализирани 500.000 автомобили кои сообраќаат по европските улици. Анализата на податоци на популарната германска страница spritmonitor.de покажала дека разликата во податоците во 2001 година изнесувала 7%, додека во 2013 достигнува дури 30%. Стручњаците од ICCT го истакнуваат значителниот напредок на автомобилската индустрија во однос на намалување на потрошувачката на гориво и намалување на емисијата на јаглерод диоксид, но изразуваат загриженост поради претходно наведените разлики.