Добитници на овогодишната награда за физика се Шуџи Накамура, Исаму Акаксаки и Хироши Амано, соопштија претставници на Каролинскиот институт во Стокхолм. Овогодишните добитници заслужија признание поради изумот на нов, енергетски ефикасен и еколошки извор на светлина – светлосните диоди LED, кои емитуваат сина светлина.
Со употребата на овие диоди добиваме значајно поефикасни и трајни алтернативи на традиционалните извори на осветлување, стои во соопштението на комитетот што ја доделува наградата, која симболично го носи името „Нова светлина која ќе го осветли светот“.
Кога овие тројца научници добија јака сина светлина за своите полупроводници уште во раните деведесетти години, направија вистински револуционерни потези во трансформирањето на технологијата за осветлување.
Црвените и зелените диоди беа во употреба со години наназад, но без употреба на сината диода не беше возможно добивање на нов извор на бела светлина. И покрај напредокот на науката и технологијата, сината диода не беше дел од нашето секојдневие. Тоа остана непроменето во следните три децении.
Акасаки работел заедно со Амано во Универзитетот во Нагоја, додека Накамура работел во компанијата “Nichia Chemicals” во Токушима. Нивното откритие навистина е револуционерно: „Ако 20 век го осветлиле класичните светилки, 21 век ќе сјае под LED светилките“, се наведува во соопштението.
Белите светлечки диоди, благодарение на овие тројца јапонски научници, денес емитуваат бела „силна“ светлина, траат подолго, значително заштедуваат енергија и помалку се штетни за околината. Нивниот развиток напредува од ден во ден. Тие стануваат сè посовршени и сè поефикасни. Најновиот постигнат рекорд бележи 300 lm/W, што споредбено одговара на светлината на 16 класични светилки или четири флуоросцентни ламби.