Промената на урбанистичките планови ја одложи изградбата на деловен објект на местото на Бит-пазар, а според одговорните, градежните работи може да почнат најрано напролет. Проектот за изградба на современ затворен пазар беше претставен уште лани во март кога беше речено дека „Скопски пазар“ ќе го изгради објектот за неколку месеци, но на терен ситуацијата е непроменета. Бит-пазар, најголемиот зелен пазар во Скопје, и натаму функционира со отворени тезги, на кои, освен овошје и зеленчук, се продава и облека, алат и други предмети, а продажба се врши и на картонски кутии, пишува „Дневник“.
Раководителот на секторот за урбанизам во општина Чаир, Џенгис Хани, образложи дека одолжувањето на изградбата на модерниот пазар се должи на потребата од донесување на урбанистичката документација.
– Се смени Генералниот урбанистички план на Скопје. Потоа, Градот работеше на документација за поделба на Скопје на 162 градски кварта. Kога се усвои градскиот кварт за делот кај Бит-пазар, Општината почна со подготовка на нов детален урбанистички план. Сега чекаме да заврши процедурата на донесување на овој план. Kога тој ќе биде усвоен, „Скопски пазар“ ќе аплицира за добивање градежна дозвола и тогаш ќе може да почнат со работа – објасни Хани.