Насловна / Вести / Конкурси за уредување на 1.560 метри плажи на Охридско Езеро

Конкурси за уредување на 1.560 метри плажи на Охридско Езеро

31903823-1728x800_c

Mинистерството за транспорт и врски објави конкурси за изработка на идејни архитектонско – урбанистички решенија за уредување на 1.560 метри плажи на Охридско Езеро.

Со конкурсот се опфатени пет локации: „Студенчишко блато“, (до хотел Парк) со должина од 700 метри, „Љубаништа“ – 500 метри, како и „Далјан“,  „Извиднички камп“  и „Лагадин“, сите  со должина од по 120 метри.

Рокот за поднесување на идејните решенија за плажите на Охридско Езеро е до 11 часот на 7 ноември. Најдобрите решенија ќе бидат избирани по пат на јавна анкета на интернет-страницата на Министерството за транспорт и врски.

Според Министерството за транспорт, основно начело при изработка на архитектонското-идејно решение, треба да претставува концептот на заштитата на природната средина и зачувување на автентичноста на одделни обележја, кои се јавуваат како специфични за тој регион.

Потребно е, соопштува ресорното Министерство, на плажите да има планирана песочна површина која би се изнивелирала и попесочила со соодветен автохтон песок, да се почитува постојното зеленило и да се дооформи со автохтони видови, хортикултурно и партерно да се уреди со поставување клупи, фонтани за питка вода, детски игралишта, пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали. Сервисниот пункт на плажите треба да опфати шанк со кабина за музика со спецификација на опрема, место за озвучување, санитарен јазол, тушеви, соблекувални, прирачна остава за чадори, лежалки и други реквизити. Просторот за капење во езерото треба да биде обележан со бови заради заштита на капачите од пловни објекти и да се предвиди место за служба за спасување. Местото за седење на спасителот да се осмисли во духот на целата плажа, а треба да се предвидат места за информативни паноа, безжичен интернет и други погодности за забава и престој.

Елементи по кои ќе се оценуваат и рангираат доставените идејни решенија се оригиналност и иновативност, изводливост, пристапност до и во локацијата за лицата со посебни потреби, вид и квалитет на понудените материјали и нивна трајност и читливост на идејата на проектот.

Испрати коментар

Scroll To Top