Со свеченост и доделување стипендии на најдобрите студенти, Градежниот факултет во Скопје денеска одбележа 65 години постоење.
Градежништвото, според деканот Милорад Јовановски, во моментот е многу ценета професија во нашето општество и околу 30 отсто од општествениот производ е резултат на активностите во градежништвото.
– Градежниот факултет во моментот има над 1.500 студенти во прв циклус на студирање, над 250 постдипломци и повеќе од 35 докторанти. Тоа ќе даде огромен придонес за развојот на Република Македонија и за нејзината афирмација во светот. Благодарение на заложбите на факултетот и тековите во општеството, градежништвото и сродните дејности денес се високо ценети и имаат добра иднина, – рече Јовановски.
Изминатите 65 години поминати во работа, за ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски, се значаен период вреден за спомнување. Денес, нагласи тој, Градежниот факултет при УКИМ претставува високообразовна институција која постојано ги следи и применува современите достигнувања во образованието и науката, а инженерите не се ценети само во државата, туку и надвор од нејзините граници.
– Со својата досегашна работа Градежниот факултет се докажа и покажа како институција ориентирана кон студентите и научните истражувања, со основна задача да му даде квалитет на високото образование, со кое компетентно и одговорно ќе се вклучат во стопанскиот научниот и севкупниот општествен развој. Сето тоа како и досегашните резултати се гаранција дека факултетот и во иднина ќе одговори на сите предизвици на технолошко-општествениот развој, – подвлече Стојковски.
Долгогодишната соработка на Градежниот факултет и Министерството за животна средина и просторно планирање ја поздрави ресорниот минисер Нурхан Изаири. „Со посебно внимание беше поттикнувана научната работа и имплементацијата на апликативно-практичните проекти, кои неретко беа од национално значење, а се реализираат благодарејќи на нашите заеднички напори“, рече Изаири.
За значењето на Градежниот факултет во развојот на Градот Скопје говореше градоначалникот Коце Трајановски, кој посочи дека градот не ќе беше развиен без соработката со градежните инженери. Многу сообраќајници во главниот град, нагласи, се направени со помош на градежните инженери, а учествувале и во ревизија на проекти за одржување и реконструкција на мостови, фекални канализации, проекти за велосипедски патеки.
Градежниот факултет е еден од двата најстари технички факултети во Македонија. На денешен ден пред 65 години почна наставата на тогашниот Технички факултет со двата оддела, градежен и архитектонски.