Современа Москва е еден од најголемите деловни центри во светот. Привлечна точка за светскиот капитал, политиката, авангардата во културата, за сите што сакаат убаво да живеат. Градот се менува секој ден, се подига сè повисоко и повисоко, се стреми кон небото. Во неа се влеваат река долари… од гасот, од нафтата… Градот има повеќе милијардери од Њујорк, има повеќе барови отколку во Лондон… Руската престолнина веќе не заостанува зад другите светски центри, напротив тие заостануваат зад неа.
Новото московско чудо кое во моментов се создава, а за кое архитект Љупчо Атанасовски пишуваше во претходниот број на „Порта 3“, е „Москва – Сити“. Тоа е град во град, деловен центар во кој ќе се одвива деловна активност, домување и одмор, центар кој се гордее со најскапа градба на сите времиња, кој е нај, нај, нај… во сè. Грандиозноста на Москва, градот во кој се случува ова градителско чудо, најдобро се илустрира преку реализацијата на овие мегапроекти, на кои сме и ние современици.
Реализацијата на новиот Московски меѓународен деловен центар (ММДЦ) „Москва – Сити“, почна во 1996 година во самиот центар на градот, на „Пресненска набережна“, на простор од 60 хектари, а треба да биде завршен до 2016 година. Во овој период, постојано никнуваат новите силуети на објекти, видливи од секоја точка. Се гради зоната на модерни облакодери. Се менува хоризонтот. Се создава Менхетен на брегот на реката Москва.
Новините секако предизвикуваат противречни мислења во јавноста, како на пример, дека со одењето во висина се нарушува стариот историски лик на градот.
„Москва – Сити 2“
Во усвоениот генерален план за развој на Москва се планира изградба на стотина облакодери, завршување на изградбата на „Москва – Сити“ и почнување на градба на „Москва – Сити 2“.
Градбата на „Москва – Сити“ е првата етапа на создавањето на новопроектираниот реон во Москва, „Москва Бољшои Сити“ (поретко се нарекува „Москва – Нов центар“ или „Москва – Сити 2“). Тој ќе се гради на местото на бившата индустриска зона, помеѓу „Москва – Сити“, кој е во градба и улицата „Хорошевска“, на простор од околу 1.000 хектари. Се планира на оваа територија да се изгради нов простор од фантастчни 21 милион метри квадратни. Инвестицијата ќе биде повеќе од сто милијарди американски долари, во стилот на нај, нај… Во моментов изградбата на „Москва – Сити“ е во полн ек. Сите проекти кои се реализираат на овој просторот, во ова градителско чудо, се посебни, необични и интересни секој на свој начин. Во овој текст моето внимание е насочено кон еден од облакодерите, кулата „Еволуција“, која е прв спирален, твист облакодер во Русија.
Кула „Еволуција“
Твист кула возвишена кон небото, кон бесконечноста… Необичната, извртена, спирална (твист) кула, наречена кула „Еволуција“, се гради на парцелите 2 и 3 на комплексот ММДЦ „Москва – Сити“, според проектите на британскиот архитект Тони Кетл (Tony Kettle). Таа е проектирана во духот на новиот тренд во архитектурата во целиот свет, твист облакодери кои спирално се подигаат кон небото. Висока е 255 метри и има 54 ката. Градбата на кулата е почната во 2011 година, а завршувањето се планира за 2014 година.
Објектот е повеќефункционален. Во него се предвидени: свечена сала „Дворец за склучување бракови“, банкетни сали, ресторани, деловен простор, трговско-забавен простор, простор за музеј „Москва – Сити“, станица за метро и подземен паркинг за 1.350 автомобили. Во проширениот приземен дел на кулата, предвидени се трговско-забавни простори, како и пешачки врски помеѓу мостот „Багратион“, станицата на метро „Виставочнаја“ и просторите на „Централното јадро“.
Површината на објектот е 169.000 м². Деловниот простор има површина од 62.000 м², просторот за трговска намена 5.000 м², просториите за склучување бракови 2.000 м²… Го опслужуваат 21 лифт.
Една од главните карактеристики на кулата „Еволуција“ е извртениот, твист дизајн (twisting desing). Секој кат се врти за 3º околу централното јадро на објектот. Сите катови ротирајќи константно за 3º, создаваат елегантно движење во правец на часовникот и даваат извртување на облакодерот во однос на базата за 150º.
„Преплетувањето“ според проектантите, го симболизира единството на машкото и женското начело. Формата потсетува на знакот на бесконечноста, што постојано се стреми во висината, кон достигнување на следното ниво… кон нови деловни исполнувања, кон остварување на најсмелите фантазии…
Тони Кетл
Архитектот Тони Кетл е познат со неговата работа во Шкотска и Русија. Неговата интернационална компанија „Kettle Collective“ има 20-годишно работно искуство во Русија. Почнува со реконструкцијата на „Ермитаж“, потоа работи на проектирањето на „Лахта-центар“ за компанијата „Гаспром“ во Санкт Петербург, и сега на кулата „Еволуција“ во Москва.
Органската форма на кулата „Еволуција“ во Москва е микс на соработката на архитектот Кетл со шкотскиот уметник Карен Форбс (Karen Forbes), професор по уметност на факултетот во Единбург, на нивната инспирација, креативност, возбуда и напор да се излезе надвор од конвенционалните форми на комерцијалните објекти.
Овој проект е блескав пример на соработка на архитекти и уметници. Хармонија на неограничената фантазија и современата индустрија. Сојуз на прагматизам и слободоумност, ширење на стандардните граници во трагањето кон нови форми, кон совршенство. Движење напред кон иднината, заедно со градот, во чекор со светот. Архитектонската футуристичка форма на новата преплетена твист кула, според авторот на проектот, ќе стане симбол на главниот град на Москва, како што е храмот на Василие Блажени. Кога ќе биде завршена, таа ќе биде меѓу највисоките структури во Русија и Европа и една од најубавите структури во светот. „Нема да биде највисока, но ќе биде најубава“, вели архитектот Кетл.
Љупка Дуковска, дипл.инж.арх.